МИЦКОСКИ ОД ГЕРМАНИЈА СО ПОРАКА – ВМРО-ДПМНЕ има поголема поддршка од сите други заедно
На Третата конференција на задграничните комитети во Солинген, премиерот порача дека Македонија станала држава за почит, а дијаспората ја нарече нераскинлив дел од татковината.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, заедно со членовите на Извршниот комитет Александар Николоски, Тимчо Муцунски и Стефан Андоновски, присуствуваше на Третата конференција на задграничните комитети на партијата во германскиот град Солинген.
Во поздравното обраќање пред делегатите, Мицкоски истакна дека македонската дијаспора е нераскинлив дел од татковината и дека нејзината поврзаност со Македонија треба дополнително да се зајакнува.
Тој ги информираше присутните за актуелните состојби во државата, економските показатели за кои оцени дека покажуваат раст, инфраструктурните проекти, како и мерките за справување со предизвиците во енергетиката предизвикани од глобалните случувања.
Говорејќи за меѓународната позиција на државата, Мицкоски порача дека Македонија денес го брани својот став со аргументи, јасни пораки и стратегија. Истовремено, тој оцени дека тешката положба во која се наоѓа државата е последица на грешките направени во минатото, кои, како што рече, се „тешки како планини“. Премиерот се осврна и на политичката поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека партијата има убедливо најголема поддршка кај граѓаните.
„ВМРО-ДПМНЕ има убедливо најголема поддршка кај народот, со предност поголема од сите други политички актери заедно“, истакна Мицкоски.
На конференцијата биле отворени повеќе прашања поврзани со подобрувањето и интензивирањето на комуникацијата меѓу македонската дијаспора и татковината. Посебно внимание било посветено на можностите за инвестирање во Македонија, како и на создавањето услови за враќање на иселениците во државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека ваквите средби се дел од напорите за зајакнување на врските со македонските иселеници и нивно поголемо вклучување во економскиот и општествениот живот на Македонија.

