СПОРЕД РЕЗУЛТАТИ НА ДИК – Само 265 гласа ја решија битката за Брвеница

ВМРО-ДПМНЕ го призна поразот, но тврди дека бележи раст од 1.300 гласови во споредба со последните парламентарни избори.

СПОРЕД РЕЗУЛТАТИ НА ДИК – Само 265 гласа ја решија битката за Брвеница
Фото: Принтскрин

Аркин Јахиј од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ, е нов градоначалник на Општина Брвеница, откако на изборите освои повеќе гласови од кандидатот на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Според првичните резултати на Државната изборна комисија, Јахиј освоил 4.442 гласа, односно 50,36 проценти, додека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, добил 4.177 гласа или 47,36 проценти.

Разликата меѓу двајцата кандидати изнесува 265 гласа. На изборите гласале вкупно 8.820 граѓани, односно 54,29 проценти од запишаните избирачи.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, вечерва потврди дека нивниот кандидат Радичевски го загубил изборниот натпревар во Брвеница. Тој оцени дека партијата остварила добар резултат, посочувајќи дека во споредба со последните парламентарни избори има зголемување од 1.300 освоени гласови.

„За нас, резултатот е повеќе од одличен, затоа што, споредено со последните парламентарни избори, имаме 1.300 гласови повеќе. Иако тоа не беше доволно за победа, ВМРО-ДПМНЕ бележи раст во бројот на освоени гласови“, изјави Манасиевски.

Тој упати критики и кон коалицијата Вреди, оценувајќи дека ја пропуштила можноста да покаже поинаква политика од ДУИ. Манасиевски ги обвини и кандидатите на СДСМ и Левица дека биле „тројански коњ“ во корист на ДУИ, со цел да ги одлеваат гласовите од гласачкото тело.

ДУИ вечерва ја слави победата во Брвеница. На прославата се обратија лидерот на партијата Али Ахмети и Арбен Таравари од Алијансата за Албанците.

Предвремените локални избори во Брвеница беа распишани по смртта на тогашниот градоначалник Јовица Илиевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, кој почина на 23 јуни 2026 година, на 58-годишна возраст. Во изминатите месеци функцијата вршител на должноста градоначалник ја извршуваше Роберт Милошески.

CATEGORIES
Share This