КОЈ ГИ ШТИТИ ПАРИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ Славески и Филипче се расправаат, Алта банка ги затвора експозитурите
Филипче обвинува за заробени пари на граѓаните и сомнителни трансфери, Славески му порача дека погрешно ги толкува мерките и дека треба да го избрише „срамниот пост“.

Политичка пресметка на социјалната мрежа Икс меѓу гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по одлуката за воведување привремена администрација во „Алта банка“ АД Битола.
Повод за судирот беа ограничувањата за располагање со средствата на клиентите на банката, според кои граѓаните можат да повлекуваат најмногу 10.000 денари неделно.
Филипче ја нападна одлуката на Народната банка, прашувајќи зошто граѓаните се ограничени во пристапот до сопствените пари, додека за правните лица, според неговото толкување, не важат истите ограничувања.
„Каква е оваа одлука на Трајко Славески граѓаните да не можат да си ги извадат парите, да можат само 10.000 денари неделно да вадат, а фирмите да можат колку сакаат? Значи парите од криминалните тендери на ВМРО-ОКГ и парите кои Вучиќ ги префрли, а се дел од истрага ќе продолжат да се перат, а парите на народот ќе останат заробени“, напиша Филипче.
На обвинувањата лично реагираше гувернерот Трајко Славески, кој му порача на лидерот на СДСМ дека погрешно ги разбрал мерките на Народната банка.
„Почитуван докторе, разумен човек уште веднаш ‘хируршки’ би го отстранил/избришал овој срамен пост“, му порача Славески на Филипче.
Гувернерот објасни дека и правните лица нема да можат да повлекуваат пари од сметките во Алта банка, туку ќе имаат можност единствено да вршат трансфери кон сметки на други клиенти во истата банка, без ограничување на износот.
„Тие единствено ќе можат да вршат пренос на парични средства, во неограничен износ, на сметки на други клиенти во Алта банка АД Битола“, појасни Славески.
На крајот од одговорот, гувернерот директно го праша лидерот на СДСМ: „Јасно е сега?“
Додека траеше јавната расправија меѓу Филипче и Славески, од Алта банка Битола соопштија дека од утре ги затвораат сите експозитури на неодредено време. Ова дополнително ја засили загриженоста околу пристапот на клиентите до нивните средства, особено на граѓаните кои немаат платежни картички и зависат од шалтерските услуги.
Филипче подоцна повторно се огласи на Икс, овојпат повикувајќи се на информација дека Црна Гора ѝ ја одзела дозволата за работа на Алта пеј груп. Тој оцени дека состојбата не е толку добра како што, според него, се обидуваат да ја претстават македонските власти и потсети дека СДСМ уште во декември минатата година предупредувал за сомнежите поврзани со Алта банка.
Лидерот на СДСМ повторно ја обвини Народната банка дека предоцна реагирала и побара од гувернерот да одговори колку пари биле префрлени од Србија во Македонија и каде завршиле тие средства.
„Ништо не е во ред. Уште во декември лани им рековме на граѓаните дека ова е пералница за пари на Вучиќ. До вчера Народната банка не мрдна. Со денови бараме реакција и дури денес прва реакција. Компаниите слободно да префрлаат пари. Граѓаните не можат. Луѓе без картички не можат да стигнат до своите пари бидејќи експозитурите не работат. Многу банкомати се празни, а на другите се чека со часови“, напиша Филипче.
Тој побара Славески да одговори колку средства префрлил српскиот претседател Александар Вучиќ во Македонија и дали тие пари останале во земјава или продолжиле кон Москва.
Филипче ја доведе во прашање и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека банката е во „одлична форма“.
„Ако банката е во ‘одлична форма’, како што вели Мицкоски, зошто им е запрена исплатата на граѓаните?“, праша лидерот на СДСМ.
Случајот со Алта банка отвори сериозни прашања за заштитата на штедачите, пристапот до нивните средства и надзорот над финансиските институции. Додека СДСМ бара одговори за наводните сомнителни финансиски трансфери, Народната банка останува на ставот дека воведените мерки се насочени кон заштита на имотот на банката и интересите на нејзините клиенти.
СРБИЈА ЈА ЗАТВОРИ АЛТА БАНКА Редици во Битола, банката итно се огласи

