СТОТИЦИ ГРАЃАНИ ИЗМАМЕНИ ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ Само петмина пријавиле

МВР поднесе кривична пријава против две лица осомничени дека ветувале добивки преку лажна инвестициска платформа, а истрагата опфатила и криптотрансакции.

СТОТИЦИ ГРАЃАНИ ИЗМАМЕНИ ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ Само петмина пријавиле
Фото: Принтскрин

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против 56-годишната М.К. од Битола и 38-годишниот А.С. од Естонија, поради сомнение за сторено кривично дело „измама“ според член 247 од Кривичниот законик.

Според информациите од МВР, осомничените во периодот од декември 2025 до април 2026 година, преку мобилна апликација и канал со неколку стотици претплатници, ги наведувале граѓаните да вложуваат пари на лажна интернет-платформа, ветувајќи им добивки што никогаш не биле реализирани. На тој начин, како што информираат од полицијата, им била нанесена значителна финансиска штета на граѓани од целата држава.

До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика биле доставени пет пријави од граѓани кои тврделе дека биле измамени. Сепак, анализата на финансиските извештаи од трансакциската сметка на првопријавената покажала дека бројот на оштетени е многу поголем. Според МВР, станува збор за стотици граѓани, од кои повеќето не го пријавиле случајот.

За расветлување на случајот била спроведена повеќемесечна истрага во која учествувале повеќе домашни и странски институции. Размената на информации придонела за откривање на идентитетот на осомничените.

Во текот на истрагата, полициските службеници извршиле информативен разговор со првопријавената и одзеле електронски уреди што, според МВР, биле користени за писмена комуникација преку мобилната апликација. Форензичката анализа на извлечените податоци од уредите, како што соопштуваат од полицијата, обезбедила докази за кривичното дело за кое е поднесена пријавата.

Истрагата имала и меѓународна димензија. По стручна анализа на криптотрансакциите, преку меѓународни безбедносни платформи биле обезбедени целосни информации за сопственикот на криптопаричникот. Од МВР не наведуваат дополнителни детали за евентуалниот вкупен износ на штетата.

Поради зголемениот број вакви измами, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика апелира граѓаните да бидат внимателни со понудите за брза и лесна заработка преку интернет. Измамниците често користат социјални мрежи, лажни профили и телефонски повици за да ги убедат граѓаните да инвестираат во криптовалути, ветувајќи им високи и сигурни приноси.

Полицијата предупредува дека лажните инвестициски платформи можат да изгледаат целосно легитимно, поради што граѓаните треба внимателно да ги проверуваат понудите пред да уплатат пари.

ВНИМАВАЈТЕ, ИЗМАМНИЦИТЕ ВЕЌЕ НЕ СЕ ПРЕПОЗНАВААТ ПО ЛОШИОТ ПРЕВОД – ВИ може да ве измами како никогаш досега

CATEGORIES
Share This