СКОПЈЕ ПОВТОРНО ДОБИВА ЦРВЕН КИЛИМ Се враќа филмскиот фестивал со светски хитови

Од 4 до 9 ноември, 26. издание со 12 избрани филмови, странски гости, мастер-класи и средби со режисери, продуценти и актери.

СКОПЈЕ ПОВТОРНО ДОБИВА ЦРВЕН КИЛИМ Се враќа филмскиот фестивал со светски хитови
Фото: Принтскрин

Скопскиот филмски фестивал се враќа со своето 26. издание, кое ќе се одржи од 4 до 9 ноември на неколку локации во главниот град. Организаторите најавуваат внимателно избрана филмска програма, гости од странство, средби со режисери, продуценти и актери, како и дополнителни содржини за љубителите на филмот. Фестивалот свечено ќе биде отворен во Македонскиот народен театар (МНТ), додека проекциите ќе се одржуваат во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар (МКЦ).

Фестивалот на 4 ноември, со почеток во 20:30 часот во МНТ, ќе го отвори филмот „Идиоти“, во режија на Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт. Режисерското дуо ќе ја добие специјалната награда „Златна скополија“ за особен придонес во светскиот филм. Завршницата на фестивалот ќе ја одбележи филмот „Електричен бакнеж“, заедно со краткометражни остварувања и селекција на Европската филмска академија.

Главната натпреварувачка програма, насловена „Дијалози“, ќе понуди осум филмови: „Тинејџерски секс и смрт во кампот Мијазма“, „Спирала“, „Изабел“, „Нема рај ако ти убие жена“, „Отфрлен“, „Чувство на дом“, „Мизерна мајка“ и „Тивки ноќи“. Покрај натпреварувачката селекција, ќе бидат прикажани и филмовите „Фјорд“, „17“ и „Електричен бакнеж“, надвор од конкуренцијата. Посебно место има програмата „А1 Кинотека“, која ќе започнува во 13 часот и ќе претстави филмови од богатата српска кинематографија.

Членот на меѓународниот борд на фестивалот, Благоја Куновски-Доре, истакна дека во шесте фестивалски денови публиката ќе има можност да погледне 12 внимателно избрани филмови, меѓу кои и актуелни фестивалски хитови.

„Програмата е таква што самите ќе се уверите по гледањето. Со оваа селекција сакаме публиката да не биде преоптоварена со многу наслови, туку да се фокусира на избрани остварувања од светската продукција и на трајните вредности на светскиот филм“, посочи Куновски.

Директорот на фестивалот, Томи Салковски, нагласи дека враќањето на манифестацијата е резултат на иницијатива на група филмски продуценти и автори, кои сакаат да создадат настан достоен за европска престолнина.

„Огромно задоволство е да го најавам рестартирањето на Скопскиот филмски фестивал. Пред една година се собравме група филмски продуценти и автори и се договоривме да направиме нешто повеќе за Скопје и да создадеме филмски фестивал каков што доликува за секој главен град – со црвен килим, квалитетна програма, дебати, дружење и простор за нови соработки“, изјави Салковски.

Тој најави и присуство на бројни странски гости. Според него, речиси секоја проекција ќе биде проследена со средба со режисери, продуценти или актери, што ќе ѝ овозможи на публиката непосредно да дознае повеќе за филмовите и нивното создавање. Салковски истакна и дека фестивалот веќе привлекува голем интерес кај младите, меѓу кои средношколци, студенти и волонтери заинтересирани за филмската индустрија.

Главен партнер на фестивалот е А1 Македонија. Генералниот извршен директор на компанијата, Методија Мирчев, порача дека поддршката на културата е дел од корпоративната визија на компанијата.

„Технологијата е во сржта на нашиот бизнис, но многу поважни се луѓето. Емоциите, љубовта, смеата, радоста, но и предизвиците со кои се соочуваме, се она што нè прави луѓе. Токму тука ја гледаме допирната точка со Скопскиот филмски фестивал“, изјави Мирчев, изразувајќи задоволство што компанијата учествува во реактивирањето на културната манифестација.

Покрај филмските проекции, програмата ќе вклучува мастер-класи, разговори со автори и други фестивалски содржини. Со враќањето на Скопскиот филмски фестивал, организаторите најавуваат шест дена исполнети со филмски приказни, средби со авторите и можности за нови соработки во културната сцена на главниот град.

CATEGORIES
Share This