ЈАНЕВСКА УДРИ ПО СДСМ Видовте ли како изгледа ‘Стив Наумов’

Министерката ги отфрли обвинувањата за лоши услови во домот, најави отстранување на евентуалните дефекти и скорешно отворање на „Кузман Јосифовски-Питу“.

ЈАНЕВСКА УДРИ ПО СДСМ Видовте ли како изгледа ‘Стив Наумов’
Фото: Принтскрин

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска со директен увид во студентскиот дом „Стив Наумов“ ги отфрли обвинувањата на опозицискиот СДСМ за лоши услови за престој на студентите. Таа упати остри критики кон опозициската партија, обвинувајќи ја за лицемерство и посочувајќи дека условите во кои студентите живеат денес се значително подобри од оние во времето на претходната власт.

„Партија синоним за лицемерство, која рече дека е со студентите. Еве како СДСМ во негово време беше со студентите. Во овие услови живееја студенти во времето кога тие беа со студентите. Вие видовте како оваа Влада е со студентите“, изјави Јаневска.

Осврнувајќи се на критиките за техничките недостатоци во домот, министерката призна дека кај новите објекти може да се појават одредени проблеми, но нагласи дека тие ќе бидат отстранети во рамки на гаранцијата. Таа категорично ги отфрли тврдењата дека се рушат ѕидови или дека протекуваат покривите, повикувајќи се на можноста за директен увид во објектот.

„Домот е под гаранција, фирмата е позната, сè што треба да поправи, ќе се поправи и ние ќе се држиме до тоа. Но, дека се рушат ѕидовите, дека течат покриви или дека се случува нешто друго, не е точно. Вие сами видовте“, истакна Јаневска.

Министерката посочи дека студентскиот дом „Стив Наумов“ е изграден од австриска компанија во соработка со Европската Унија и дека позитивни оценки за условите дале и европски претставници кои го посетиле објектот. Според неа, станува збор за еден од најубавите и најмодерните студентски домови на Балканот, а квалитетот на условите е споредлив и со оние во други земји.

Јаневска упати апел до семејствата на студентите да не дозволат политички партии и, како што ги нарече, злонамерници да ги вознемируваат во врска со условите во кои престојуваат нивните деца. Таа порача дека Министерството ќе реагира на секоја забелешка поврзана со сместувањето и дека евентуалните недостатоци ќе бидат отстранети.

Јаневска најави дека во скоро време во употреба ќе биде пуштен и студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“. Според министерката, и во овој дом студентите ќе имаат услови на исто ниво како во „Стив Наумов“.

„Така ние се грижиме за студентите“, порача Јаневска.

CATEGORIES
Share This