САКАТЕ ДРЖАВНО ФИНАНСИРАЊЕ ЗА КУЛТУРЕН ПРОЕКТ Рокот е продолжен
Пријавите за годишните конкурси за култура за 2027 година може да се поднесуваат електронски до 6 ноември, до 15:30 часот.

Министерството за култура и туризам го продолжи рокот за електронско аплицирање на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во одделни области и активности од културата за 2027 година. Новиот краен рок за поднесување на пријавите е 6 ноември (петок), до 15:30 часот.
Пријавувањето се врши електронски преку Националниот портал за е-услуги: uslugi.gov.mk. Од Министерството ги повикуваат сите заинтересирани да ги поднесат пријавите во предвидениот рок.
„Помош во делот за пријавите, од стручен аспект, корисниците и оваа година ќе може да побараат во секторите во Министерството за култура и туризам“, се наведува во соопштението.
Продолжувањето на рокот им овозможува на заинтересираните дополнително време за подготовка и поднесување на проектите за финансирање од национален интерес во културата за 2027 година.

