МУЦУНСКИ ЈА ПРОЗВА БУГАРИЈА Непристојно е членка на ЕУ да биде прибежиште

Шефот на македонската дипломатија порача дека Македонија останува отворена за дијалог со Софија, но очекува кредибилен и предвидлив европски процес заснован на заслуги.

МУЦУНСКИ ЈА ПРОЗВА БУГАРИЈА Непристојно е членка на ЕУ да биде прибежиште
Фото: Принтскрин

Македонија останува посветена на европската интеграција, но очекува процесот на пристапување кон Европската Унија да биде кредибилен, предвидлив и заснован исклучиво на реални заслуги и исполнети критериуми. Ова го порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по средбата со словачкиот министер за надворешни и европски работи, Јурај Бланар, кој престојува во официјална посета на Македонија.

Покрај европската перспектива, Муцунски испрати и остри пораки во врска со Бугарија, особено по прашањето за лица осудени или осомничени за кривични дела кои се наоѓаат во земја членка на ЕУ. Шефот на македонската дипломатија истакна дека Владата останува посветена на одржувањето отворени канали за комуникација со Софија и на подобрувањето на билатералните односи.

„Во тој контекст го информирав министерот Бланар дека остануваме посветени за одржување на отворени канали на дијалог со соседна Бугарија и подготвени сме да дадеме наш придонес кон унапредување на билатералните односи“, изјави Муцунски.

Тој нагласи дека е неопходна посилна динамика на европската интеграција на целиот Западен Балкан, вклучително и на Македонија.

На средбата двајцата министри ги потврдија одличните билатерални односи, со посебен акцент на економската соработка, инвестициите и трговската размена. Муцунски изрази благодарност за принципиелната словачка поддршка на македонските евроинтеграции, која се остварува и преку активностите на групата „Пријатели на Западен Балкан“, Вишеградската група и Славков форматот.

Според него, политичкиот дијалог меѓу двете држави е на највисоко ниво, а поддршката од Братислава има особено значење за остварувањето на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија.

Особено внимание предизвика одговорот на Муцунски на новинарско прашање поврзано со случајот на Ива Михајлова. Министерот оцени дека е неприфатливо земја членка на Европската Унија да станува прибежиште за лица кои се осудени за кривични дела или против кои се водат судски постапки.

„Навистина непристојно една земја членка на Европската Унија да станува прибежиште за тие коишто или се осудени за сторени кривични дела или се лица за коишто има степен на сомнеж и се водат постапки во рамките на судовите во државата“, изјави Муцунски.

Сепак, тој нагласи дека македонската страна нема намера да биде вовлечена во политичките пресметки во Бугарија. Муцунски посочи дека Владата внимателно пристапува кон ова прашање, имајќи ги предвид и внатрешнополитичките случувања во соседната држава. Тој се повика и на неодамнешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека Македонија нема интерес да стане дел од, како што рече, „естрадата“ поврзана со оваа тема во Бугарија.

Во разговорите со словачкиот колега, Муцунски се осврна и на актуелните геополитички предизвици, нагласувајќи ја важноста на европското единство и почитувањето на меѓународното право. Според него, за помалите држави особено значење има меѓународниот поредок заснован на правила, кој претставува основа за стабилност, безбедност и справување со современите глобални предизвици.

CATEGORIES
Share This