МАЈЧИНАТА ЉУБОВ Е ПОСИЛНА ОД БОЛЕСТА Мајка му донираше бубрег на своето дете и му даде нова шанса за живот

Трансплантацијата е уште еден пример за пожртвуваноста на родителите и посветеноста на македонските медицински тимови.

МАЈЧИНАТА ЉУБОВ Е ПОСИЛНА ОД БОЛЕСТА Мајка му донираше бубрег на своето дете и му даде нова шанса за живот
Фото: Принтскрин

Мајка му подари нова надеж за живот на своето дете, донирајќи му бубрег поради тешко генетско заболување кое ја загрозува функцијата на бубрезите. Детето боледува од Алпортов синдром, ретка наследна болест која може да предизвика сериозно оштетување на бубрезите, а во потешките случаи и целосно губење на нивната функција.

По спроведените детални медицински испитувања, лекарите потврдиле дека постои компатибилност меѓу мајката и детето и дека таа ги исполнува условите да биде жив дарител.

Алпортовиот синдром е наследно заболување кое првенствено ги зафаќа бубрезите. Кај пациентите со потешка форма на болеста, постепеното влошување на бубрежната функција може да доведе до потреба од редовна дијализа или трансплантација. Токму трансплантацијата претставува можност за подобрување на квалитетот на животот кај пациентите со напредната бубрежна болест.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, ја истакна важноста на трансплантациите и професионалноста на медицинските тимови кои ги реализираат овие сложени интервенции.

„Ова е пример за најдоброто во нашето здравство – стручност, тимска работа и човечност. Секој трансплантиран бубрег значи нова шанса за живот“, изјави Клековски.

Министерот неодамна ги посети пациентите на кои им биле извршени трансплантации на Универзитетската клиника за урологија. Кај двајца од пациентите бил трансплантиран бубрег од починат дарител, додека третиот добил бубрег од жив дарител.

Националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, изрази благодарност до семејството за довербата и подготвеноста јавно да ја сподели својата приказна.

„Упатуваме благодарност до семејството за довербата и за согласноста случајот да биде јавно споделен, како и до целиот медицински тим кој деноноќно е вклучен во оваа сложена медицинска постапка“, изјави Кузмановска.

Овој случај уште еднаш ја нагласува важноста на органодарителството, кое за пациентите со тешки заболувања претставува можност за нов почеток.

CATEGORIES
Share This