ПО КОРУПЦИСКИОТ СКАНДАЛ СО ИПАРД, НОВА ШАНСА ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ Се најавуваат огласи за милионски европски средства
Додека институциите најавуваат продолжување на програмата и исплата на заостанатите субвенции, земјоделците предупредуваат дека состојбата во секторот е алармантна.

По корупцискиот скандал што доведе до суспендирање на исплатите на европските средства за македонските земјоделци, се најавува ново активирање на повиците во рамките на ИПАРД 3 – Програмата. Директорката на Платежната агенција, Даниела Иротова-Лазарева, најави дека во декември ќе бидат објавени огласи за мерките 1, 3 и 7, со што земјоделците и компаниите од преработувачката индустрија повторно ќе добијат можност да конкурираат за финансиска поддршка.
Таа ги повика потенцијалните апликанти навреме да започнат со подготовка на потребната документација за инвестициите. За да се спречат нови злоупотреби на европските фондови, Платежната агенција подготвила измени во постапките и процедурите за аплицирање. За нив сè уште се очекува конечно одобрение од Националниот координатор за ИПАРД во Министерството за финансии.
„Сите договори по сите мерки се склучени, ранг-листите се објавени на страната на Агенцијата и ги охрабрувам сите кои што имаат можност за инвестиции, без разлика дали во производствени капацитети, подигање на нови земјоделски насади, да се подготвуваат – во декември ќе ги објавиме сите средства со кои располагаме, во програмскиот период 2027 година“, изјави Иротова-Лазарева.
За периодот 2021–2027 година, вкупната финансиска поддршка предвидена преку ИПАРД 3 изнесува 128 милиони евра. Од нив, 97 милиони евра се средства од Европската Унија, додека 31 милион евра се обезбедуваат преку национално кофинансирање.
ИПАРД 3 речиси една година беше под знак прашалник по откривањето на корупцискиот скандал во кој, според обвинението, е вмешан и поранешниот директор на Платежната агенција, Илија Стоилев. Во Основниот кривичен суд Скопје се води постапка против девет физички лица, додека обвинета е и една компанија. Предметот опфаќа сомневања за давање и примање поткуп, противзаконито влијание и злоупотреба на службената положба, поврзани со средства од ИПАРД.
Според обвинението, поранешниот министер за правда и локална самоуправа Џевдет Насуфи е првообвинет за давање поткуп за добивање помош преку програмата. Фејзула Фејзула и неговиот брат Амет Фејзула се обвинети за примање награда за противзаконито влијание, додека Јасмина Костадинова и Илија Стоилев се товарат за примање поткуп.
Во предметот е опфатена и компанијата „Сигнас агро“ од Велешта, обвинета за давање поткуп, како и четворица службеници од Платежната агенција, за кои е поднесен обвинителен предлог за злоупотреба на службената положба и овластувањата. Обвиненијата сè уште се предмет на судска постапка, а вината на обвинетите треба да биде утврдена со правосилна судска одлука.
Европската комисија претходно потврди за „Независен“ дека исплатите за корисниците биле запрени од третиот квартал на 2025 година. Сепак, од Брисел појаснија дека суспензијата не значи целосно запирање на ИПАРД 3 – Програмата.
Покрај најавата за новите ИПАРД повици, директорката на Платежната агенција најави и забрзување на исплатата на заостанатите земјоделски субвенции. Според неа, најголемиот дел од обврските за претходните години се веќе реализирани или се во завршна фаза.
„Само мал дел е останат за исплата од 2024 година, за исплата на регистрираните земјоделци за пензиско и инвалидско осигурување, повластена основица… Некаде околу 80 проценти од субвенциите за 2025 година се при крај за исплата. До јануари и февруари планираме да ја затвориме исплатата на субвенции за 2025, и да почнеме со исплата на субвенциите за 2026 година“, рече Иротова-Лазарева.
Во меѓувреме, започнуваат подготовките за новата Национална програма за финансиска поддршка во земјоделството за 2027 година.
Иако државата годишно издвојува приближно 100 милиони евра за поддршка на земјоделството, производителите предупредуваат дека овие средства не се доволни за справување со растечките трошоци и проблемите со пласманот на производите. На последниот голем протест кај Тополчани во Пелагонија, земјоделците и сточарите побараа државната поддршка да се зголеми на 200 милиони евра годишно.
Според нив, без значително поголема финансиска помош, домашното производство на храна ќе биде изложено на дополнителни ризици.
Незадоволството е присутно во повеќе земјоделски гранки. Производителите на црвена пиперка – капија, соочени со проблеми во откупот и ниски откупни цени, бараат итна комбинирана финансиска поддршка. Нивното барање опфаќа по пет денари за секој килограм предадена пиперка во регистриран откупен или преработувачки центар, како и по 20.000 денари за засаден декар со куртовска капија.
Дополнително, градинарите инсистираат на итна исплата на субвенциите за 2025 година по килограм предаден род. Лозарите, пак, бараат интервентна финансиска помош од 150.000 денари по хектар, без разлика дали го собрале грозјето или не.
Според нивните тврдења, над 70 проценти од годинешниот род останал необран и презреан на лозовите насади. Тешка е состојбата и кај овоштарите од Преспа. Тие бараат интервентна мерка од три денари за килограм предадено јаболко, без разлика дали станува збор за индустриско или конзумно јаболко од реколтата 2026 година.
Причината е ниската откупна цена на индустриското јаболко, која изнесува само четири денари за килограм.
Сточарите бараат исплата на заостанатите премии за откупено млеко, почнувајќи од јули 2025 година, како и субвенциите за неразвиени подрачја за 2024 и 2025 година. Незадоволство има и кај производителите на житни култури, кои реагираат на условот за користење семенски материјал при остварување право на субвенции.
Според нив, спорната одредба била воведена во февруари годинава, четири месеци по сеидбата, поради што предупредуваат дека голем број производители би можеле да останат без очекуваната финансиска поддршка.
Најавените декемвриски повици отвораат можност за нови инвестиции во земјоделството и преработувачката индустрија, но останува да се види кога ќе бидат завршени процедурите и дали ќе се нормализираат исплатите на европските средства.
Истовремено, барањата за интервентна помош, повисоки субвенции и решавање на проблемите со откупот покажуваат дека земјоделскиот сектор се соочува со сериозни предизвици, кои нема да бидат надминати само со отворањето на новите ИПАРД огласи.

