ЕУ ЈА НАМАЛУВА ЗАВИСНОСТА ОД РУСКИОТ ГАС, НО МОСКВА СЕ УШТЕ ИМА ЕНЕРГЕТСКИ АДУТ Каде е најголемата слабост на Европа
Додека Брисел најавува целосен прекин на енергетските врски со Москва, Франција и дел од членките ја забавуваат промената, а Кина се наметнува како нов ризик.

Зависноста на Европската Унија од руските енергенси значително се намали по почетокот на руската инвазија врз Украина, особено во снабдувањето со природен гас, чиј увоз е намален за три четвртини. Сепак, Европа сè уште не успева целосно да се ослободи од руската нафта и нуклеарното гориво, области во кои прекинувањето на соработката се покажува како посложено, оценува Бен Меквилијамс, енергетски експерт од бриселскиот тинк-тенк „Бројгел“, пренесува „Дојче веле“.
Забраната за увоз на руски течен природен гас (ЛНГ) треба да стапи во сила од почетокот на следната година, а од есента забраната треба да се прошири и на гасот што пристигнува преку гасоводи.
И покрај овие мерки, финансиските врски со руската енергетика и натаму се значителни. Според извештајот „Russia Fossil Tracker“ на финскиот истражувачки центар ЦРЕА, 27-те земји членки на ЕУ потрошиле околу 238 милијарди евра за руски јаглен, нафта и гас.
Шведската европратеничка Хана Гедин од Левицата оцени дека средствата од продажбата на руските енергенси ѝ помагаат на Москва да ја финансира војната против Украина, вклучително и нападите со ракети и дронови врз украинското население.
Европската комисија на почетокот на годината најави план за прекин на увозот на руска нафта, но досега не го претставила. Тоа предизвика реакции во Европскиот парламент, каде што Гедин побара објаснување за доцнењето.
„Каде е најавениот закон? Каде е вашата храброст да им послужите како пример на другите?“, праша таа.
Дополнителен проблем претставува зависноста на Унгарија и Словачка од руската нафта што пристигнува преку нафтоводот „Дружба“. Прекинувањето на овие испораки не може да се случи прекуноќ, иако уделот на руската нафта во вкупниот увоз на ЕУ е значително намален.
Во европските дебати дополнителна неизвесност внесува и политиката на американската администрација. Вашингтон склучи договор со Русија за набавка на дизел, а потоа претседателот Доналд Трамп привремено ги суспендираше санкциите против руската власт непосредно пред нивното стапување во сила.
Меквилијамс смета дека Европа не треба да ги менува своите стратешки определби поради потезите на Вашингтон.
„Би било лудо повторно да купуваме енергенси од Русија“, изјави тој.
Слична позиција зазема и мнозинството европратеници. Германскиот социјалдемократ Јенс Гајер предупреди дека зависноста од земја што води војна претставува сериозен проблем за европската безбедност.
„Зависиме од држава што води војна и тоа мора што поскоро да се прекине“, изјави Гајер.
Додека во јавноста најмногу се зборува за гасот и нафтата, значително помалку внимание се посветува на зависноста од Русија во нуклеарната енергетика. Според податоците на Евратом, количината ураниум што ЕУ ја увезува од Русија со години останува речиси непроменета. Во меѓувреме, рускиот државен концерн „Росатом“, кој е активен и во збогатувањето ураниум, го проширил своето работење во Унијата.
Во пет земји членки на ЕУ функционираат нуклеарни реактори од руски дизајн. За нив наскоро треба да се произведуваат горивни елементи во германскиот град Линген, во рамките на француско-руското партнерство меѓу компаниите „Фраматом“ и „Росатом“.
Меквилијамс смета дека токму ова е една од слабите точки на европската енергетска политика. Според него, финансиските износи поврзани со нуклеарното гориво се помали во споредба со приходите од нафтата и гасот, но стратешката зависност е многу посериозен проблем.
Ова значи дека Европа може да ги намали директните плаќања кон Русија, а сепак да остане зависна од нејзиното знаење, технологија и снабдување во чувствителен сектор.
И покрај најавите на ЕУ за целосно прекинување на енергетските врски со Москва, во нуклеарниот сектор засега има малку промени. Една од причините е отпорот во Франција, каде што нуклеарната енергија има значајна улога во енергетскиот систем.
Францускиот европратеник Паскал Канфин од либералната група „Ренју“ предупредува дека технички е многу потешко да се прекине зависноста од рускиот ураниум отколку од рускиот гас или нафта.
Во случајот со гасот, ЕУ веќе ги прошири изворите на снабдување, вклучително и преку увоз од Канада, Казахстан и Австралија. Тоа претставува значителна промена во однос на почетокот на 2022 година, кога пред руската инвазија речиси половина од увезениот гас доаѓаше од Русија.
Канфин предупредува дека Европа не смее повторно да дозволи толкава концентрација на снабдувањето во една земја, бидејќи токму таквата нерамнотежа ѝ овозможила на Москва да ја користи енергијата како средство за политички притисок и уцена.
Една од главните цели на ЕУ е забрзување на енергетската транзиција и зголемување на уделот на електричната енергија произведена од обновливи извори. Но, и овој процес отвора ново прашање за европската безбедност.
Канфин предупредува дека намалувањето на зависноста од руските енергенси не смее да доведе до создавање нова зависност од Кина, особено во производството на соларни панели и ветерни турбини.
Така, пред Европа се поставува двоен предизвик: да ги прекине енергетските врски што ѝ овозможуваат на Русија да ја користи енергијата како геополитичко оружје, но истовремено да избегне преминување од една стратешка зависност во друга.
Клучното прашање за Брисел повеќе не е само колку руски гас и нафта увезува Европа, туку дали Унијата може да изгради енергетски систем во кој ниту Москва ниту Пекинг нема да имаат можност да го загрозат нејзиното снабдување и политичката самостојност.

