БУГАРИТЕ МАСОВНО ГИ БОЈКОТИРААТ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ Излезноста едвај над 20 отсто

Јотова води пред Ѓуров според првичните резултати, но катастрофално слабиот одѕив е главниот белег на претседателските избори во Бугарија.

БУГАРИТЕ МАСОВНО ГИ БОЈКОТИРААТ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ Излезноста едвај над 20 отсто
Фото: Принтскрин

На претседателските избори во Бугарија, кандидатската двојка Илијана Јотова – Кирил Валчев е во водство со освоени 35,534 отсто од гласовите, покажуваат податоците на Централната изборна комисија (ЦИК).

На второто место се Андреј Ѓуров и Георги Кандев со 30,514 отсто, со што засега се наметнува сценариото за втор круг меѓу двете водечки кандидатски двојки.

Третото место го заземаат Костадин Костадинов и Петар Волгин со 13,532 отсто од гласовите.

Според досега објавените податоци, Радостин Василев и Красимир Манов добиваат 4,141 отсто, а Ивелин Михајлов и Јулијана Матеева 4,001 отсто. Иван Христанов и Стојанка Черкезова освоиле 2,538 отсто од гласовите, додека 4,596 отсто од гласачите избрале да не поддржат ниту еден кандидат.

Првичните процени на агенциите „Маркет линкс“ и „Алфа рисрч“, објавени од бугарската телевизија БТВ, укажуваат на неизвесен изборен исход и втор круг на 1 ноември.

Според излезната анкета на „Маркет линкс“, Илијана Јотова освоила 32,2 отсто од гласовите, наспроти 31,6 отсто за Андреј Ѓуров. Разликата меѓу нив изнесува само 0,6 процентни поени. Костадин Костадинов е трет со околу 13 отсто.

Анкетата на „Алфа рисрч“ ѝ дава поголема предност на Јотова и нејзиниот кандидат за потпретседател Кирил Валчев, со поддршка од 35,3 отсто. Двојката Ѓуров – Кандев, според истата процена, добива 32,4 отсто, додека Костадинов и Петар Волгин се на третото место со 12,6 отсто.

Различните процени покажуваат дека конечниот однос на силите ќе зависи од официјалното пребројување на гласовите.

Според „Маркет линкс“, излезеноста на изборите изнесувала 21,03 отсто, додека „Алфа рисрч“ ја проценува на 22,3 отсто. Гласањето во Бугарија заврши во 20 часот по локално време, односно во 19 часот по македонско време. Право на глас имаа околу 6,59 милиони граѓани, а во изборната трка учествуваа 27 кандидатски двојки.

За победа уште во првиот круг е потребно еден кандидат да освои повеќе од половината важечки гласови, при излезеност поголема од половината запишани избирачи.

Доколку конечните резултати го потврдат сегашниот распоред, Бугарија ќе добие втор круг на 1 ноември, во кој Јотова и Ѓуров ќе се соочат во директна битка за претседателската функција.

CATEGORIES
Share This