ФИЛИПЧЕ УДРИ ПО ВУЧИЌ И МИЦКОСКИ Студентите победуваат, премиерот го нарече потчинет

Лидерот на СДСМ им даде поддршка на српските студенти, го обвини Вучиќ за планирање изборна кражба и жестоко го критикуваше односот на Мицкоски кон српскиот претседател.

ФИЛИПЧЕ УДРИ ПО ВУЧИЌ И МИЦКОСКИ Студентите победуваат, премиерот го нарече потчинет
Фото: Национал

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, им упати поддршка на студентите во Србија, оценувајќи дека нивните протести отвораат можност за промени во политичкиот систем на соседната држава. Во објава на социјалната мрежа X, Филипче го обвини српскиот претседател Александар Вучиќ дека подготвува изборна кражба, наведувајќи повеќе сомневања за нерегуларности во изборниот процес.

„Како професор, стојам со цело срце покрај младоста, а на нашите соседи им посакувам среќа утре“, напиша Филипче.

Меѓу проблемите на кои се повика тој се нерегуларности со избирачките списоци, издавање лични карти на странски државјани, притисоци врз вработените во јавниот сектор, контролирано и платено гласање, како и контрола врз медиумите.

Филипче направи споредба со политичките состојби во Македонија за време на владеењето на Никола Груевски, оценувајќи дека земјата, според него, повторно се враќа кон слични практики.

„Никој повеќе не сака диктатори и криминалци што ги држат државите како заробеници, а граѓаните како заложници“, порача лидерот на СДСМ.

Во објавата, Филипче се осврна и на односите меѓу Македонија и Србија, нагласувајќи дека посакува двете држави да имаат најдобри можни односи, без мешање во внатрешните работи. Истовремено, односот на македонскиот премиер Христијан Мицкоски кон српскиот претседател Александар Вучиќ го оцени како „потчинет“.

Филипче ја заврши објавата со кратка порака во знак на поддршка на студентското движење во Србија: „Студентите победуваат“.

CATEGORIES
Share This