СЕ ОДРЖА ПОЕТСКО МАТИНЕ ВО ДПМ – Седум автори отворија дијалог за јазиците, идентитетот и книжевноста
Поетската средба ги обедини авторите од националните заедници и повеќејазичните творци, а централна тема на панел-дискусијата беше биде „Два дома - еден јазик, два јазика - еден дом“.

Во просториите на Друштвото на писателите на Македонија, вчера се одржа „Поетско матине“ – книжевна средба посветена на авторите од националните заедници кои творат во Македонија, како и на писателите што создаваат на два или повеќе јазици.
Настанот беше замислен како простор за запознавање, размена на искуства и разговор за различните јазици, поетики и книжевни искуства што ја збогатуваат културната сцена во земјата.
На средбата учествуваа Вера Чорниј-Мешкова, Љерка Тот-Наумова, Каљош Челику, Рифат Емин, Гордана Јовиќ-Стојковска, Ахмет Селмани и Сузана В. Спасовска. Настанот го модерираше Сеида Бегановиќ.
Во рамките на програмата, учесниците го претставија своето творештво и читаа свои дела, по што следуваше панел-дискусијата насловена „Два дома – еден јазик, два јазика – еден дом“.
Дискусијата се фокусира на искуствата на авторите кои создаваат во повеќе јазични и културни средини, на нивното место во книжевниот простор, како и на можностите и културните стратегии за поголема видливост и афирмација на нивното творештво.
„Поетското матине“ беше замислено како прва во низата книжевни средби со кои ќе се отвори простор за авторите од различните национални заедници и за повеќејазичните творци кои живеат и создаваат во Македонија.
Целта е да се поттикнат меѓусебното запознавање, дијалогот и афирмацијата на книжевните гласови кои со своето творештво придонесуваат за разновидноста и богатството на македонската културна сцена.

