ГРЧКО-БУГАРСКА ТРАМПА ЗА САМОИЛ Охридска реликвија предадена за останките на царот

Бугарски историчар тврди дека меѓу предметите предадени на Грција се наоѓа и сребрена кутија со моштите на Света Матрона, однесена од Охрид во 1916 година.

ГРЧКО-БУГАРСКА ТРАМПА ЗА САМОИЛ Охридска реликвија предадена за останките на царот
Фото: Принтскрин

Нова дипломатско-историска афера се отвора во регионот откако бугарскиот новинар и историчар Горан Благоев предупреди дека меѓу 53-те црковни предмети што Бугарија неодамна ѝ ги предаде на Грција, наводно се наоѓа и реликвија поврзана со Охрид.

Станува збор за сребрена кутија со моштите на Света Матрона, за која, според Благоев и историските документи на кои се повикува, потекнува од црквата „Богородица Перивлепта“ во Охрид.

Според документ од 28 ноември 1916 година, предметот под број 10 е наведен како „една голема сребрена кутија со моштите на Света Матрона“. Според тврдењата на Благоев, реликвијата во Софија била чувана со децении, вклучително и во Националниот историски музеј, како реликвијар од 1798 година.

Според бугарската страна, предметите ѝ биле предадени на Грција во рамките на договор поврзан со останките на цар Самуил и потекнувале од грчки манастири.

Но, Благоев предупредува дека доколку навистина е предадена и реликвија што потекнува од Охрид, случајот може да отвори сериозни прашања за потеклото и сопственоста на културното наследство.

Дополнителна контроверзија носи и самата размена поврзана со наводните останки на цар Самуил, за кои и понатаму постојат прашања околу нивната идентификација.

Доколку тврдењата за потеклото на сребрената кутија бидат потврдени со релевантна документација и стручна проверка, случајот би можел да отвори и прашање дали реликвијата треба да биде вратена во Охрид.

CATEGORIES
Share This