БОГАТО ВОЈНИЧКО ГРОБИШТЕ КАЈ СТРУГА Откриени штит, шлем, меч, копја и златни предмети
На локалитетот Расница кај Корошишта археолозите открија исклучително погребување од VI век пред нашата ера, со комплетна воена опрема и вредни предмети.

Исклучително богато војничко погребување со штит, шлем, копја, меч и предмети од злато, бронза и килибар е најновото откритие на археолозите на архајската некропола Расница кај струшкото село Корошишта.
Од Националниот археолошки музеј оценуваат дека новите наоди дополнително го потврдуваат значењето на локалитетот за проучување на Охридско-струшкиот регион во VI век пред нашата ера, како и на погребните обичаи, воената организација и општествената структура на тогашните заедници.
Националниот археолошки музеј денеска ќе ги презентира најновите резултати од истражувањата на локалитетот, каде годинава е откриено богато војничко погребување со комплетна воена опрема.
Расница привлече големо внимание во 2024 година, кога беа откриени монументална гробна целина и исклучително богат археолошки материјал – бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови.
Според музејот, најновото откритие отвора нови можности за попрецизно согледување на статусот, идентитетот и улогата на лицата погребувани на овој простор.
Истражувањата ги предводи д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Националниот археолошки музеј. На денешната презентација ќе присуствуваат и директорката на музејот Магдалена Манаскова и директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева.

