ТРАМП ПОВТОРНО ГО ФАЛИ КИМ Добро е да се сложуваш со човек кој има 112 нуклеарни ракети
Американскиот претседател вели дека е важно да се има добри односи со лидерите на големи, нуклеарни сили.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека има одличен однос со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, нагласувајќи дека е важно Вашингтон да одржува добри односи со лидерите на земји што поседуваат нуклеарно оружје.
„Јас се сложувам одлично со Ким Џонг-ун. Зарем не е убаво да се сложуваш со лидерите на големи, нуклеарни сили?“, рече Трамп на предизборен митинг во Охајо.
Тој потоа додаде дека е добро да се има добар однос со некого кога тој располага со „112 нуклеарни ракети“. Не е разјаснето на што точно се однесува оваа бројка.
Трамп во август изјави дека се надева на средба со Ким до крајот на годината, со што повторно се отвори можноста за продолжување на нивната лична дипломатија. Двајцата лидери досега се сретнаа трипати – во Сингапур во 2018 година, Ханој во 2019 година и Панмунџом во јуни 2019 година.
Портпаролот на Стејт департментот Томи Пигот изјави дека Трамп не го смета дијалогот со Северна Кореја за „отстапка“ и дека Вашингтон е подготвен за разговори со Пјонгјанг доколку тоа е во интерес на САД.
Во меѓувреме, Северна Кореја продолжува да ја отфрла денуклеаризацијата и својот статус како нуклеарна сила го опишува како „неповратен“.
СЕВЕРНА КОРЕЈА МУ ПОРАЧА НА СВЕТОТ Нема шанси да ни го земете нуклеарното оружје

