ПОЛА МИЛИЈАРДА ЕВРА ДО ОПШТИНИТЕ Мицкоски најави уште поголем инвестициски циклус

За 27 месеци Владата обезбедила околу половина милијарда евра од централниот буџет за локални проекти, а општините веќе подготвуваат нов пакет за следниот циклус на финансирање.

ПОЛА МИЛИЈАРДА ЕВРА ДО ОПШТИНИТЕ Мицкоски најави уште поголем инвестициски циклус
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека Владата во изминатите 27 месеци обезбедила околу половина милијарда евра за проекти во општините преку директно финансирање од централниот буџет.

При увид во еден од капиталните проекти во Скопје, Мицкоски оцени дека станува збор за значајна поддршка за локалната самоуправа.

„Од почетокот кога беше оваа Влада избрана, таму некаде пред 27 месеци, отприлика половина милијарда евра се проектите коишто ги финансираме директно од централниот буџет“, изјави премиерот.

Според него, во изминатите 35 години од независноста немало толкав број проекти финансирани директно од централната власт за општините. Мицкоски посочи дека општините веќе подготвуваат проекти за следниот циклус на владино финансирање. Целта, како што наведе, е преку инвестициите да се подобрат условите и квалитетот на живот на граѓаните.

„Проблеми има, тие проблеми се таложеле, предизвици има, предизвиците се присутни децении наназад. Во зависност од ресурсите и приоритетите, тие предизвици се надминуваат, проблемите се решаваат“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека стратегијата на Владата е да не создава нови проблеми, туку да ги решава постојните и да ги довршува започнатите проекти. Премиерот најави дека три или четири капитални проекти во Скопје треба да бидат завршени до Нова година.

Според него, нивната реализација значително ќе го подобри функционирањето на градот, како за скопјани, така и за оние кои го посетуваат. Мицкоски им се заблагодари на градоначалниците и советниците за поддршката, како и на пратениците кои, како што рече, се борат за повеќе проекти во општините од кои доаѓаат.

Премиерот порача дека очекува во периодот што следи да има уште повеќе проекти што Владата ќе ги финансира во општините.

CATEGORIES
Share This