САБОТНА НОЌНА ТРЕСКА ГО УСВОЈУВА БЕЛГРАД Три уметнички погледи кон Скопје што исчезнува
Изложбата на Марија Ветероска, Игор Сековски и Иван Блажев од Скопје пристигнува во КИЦ Белград со приказна за урбаната фрагментација, носталгијата и разочарувањето од современиот град.

Во четврток, 1 октомври, со почеток во 19:30 часот, во Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Белград ќе биде отворена изложбата „Саботна ноќна треска“ на авторите Марија Ветероска, Игор Сековски и Иван Блажев.
Изложбата премиерно беше претставена во Скопје во 2024 година, а сега, во адаптирана поставка за изложбениот простор на КИЦ Белград, ќе има можност да ја види и белградската публика.
Тројцата автори обработуваат заедничка тема, но преку различни уметнички изрази. Игор Сековски и Марија Ветероска се претставуваат со дела што комбинираат видео и просторна инсталација, додека Иван Блажев изложува серија фотографии.
Куратор на изложбата е д-р Ана Франговска, која во придружниот текст посочува дека насловот „Саботна ноќна треска“ намерно создава асоцијации на општествениот живот, славењето и енергичната урбана култура.
Но, во контекст на изложбата, насловот добива иронична конотација. Наместо слика на раздвижениот ноќен живот некогаш поврзуван со Скопје, тој станува критички осврт кон современото разочарување од градот.
Сековски, Блажев и Ветероска преку своите дела ја истражуваат социјалната, психолошката и урбаната фрагментација што го одбележува современото живеење во Скопје. Нивниот заеднички пристап ја надминува обичната носталгија по минатото и отвора прашања поврзани со филозофските и егзистенцијалните аспекти на животот во град кој, според нивната уметничка интерпретација, изгубил дел од своето некогашно сврзно ткиво.
„Саботна ноќна треска“ не е само поглед наназад кон едно поинакво градско време, туку и критичко преиспитување на современиот урбан живот низ перспективите на урбаната теорија, егзистенцијалната филозофија и постмодерната критика.
Изложбата се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам, во рамки на годишната програма за проекти од областа на меѓународната соработка.

