ЃАВОЛОТ ПЛАТИ 8.000 ЕВРА И СИ ЗАМИНА ДОМА Затвор нема
Пецов доби условна казна од две години, додека Стафа, кого го обвини за барање 50.000 евра мито, е во затвор - Кривичен даде пресек и на „Титаник“, „Талир 1“, „Онкологија 2“ и другите големи предмети.

Љупчо Пецов, познат како „Ѓаволот“, осуден во случајот „Синџир“, ја уплатил паричната казна од 492.000 денари, односно околу 8.000 евра, што му ја изрече Основниот кривичен суд Скопје. Од Кривичниот суд денеска информираа дека Пецов ја уплатил казната на 2 септември, откако претходно, по признание на вина, беше осуден на условна казна затвор од две години.
Така, Пецов не замина во затвор, иако во предметот беше обвинет како еден од организаторите на криминалната група.
Случајот „Синџир“ беше отворен кон крајот на 2023 година, а Обвинителството гонеше 26 лица и 28 компании поради сомневања за организирана шема за даночно затајување преку фиктивни ДДВ-фактури.
Според обвинението, со шемата државниот буџет бил оштетен за околу осум милиони евра.
Пецов се гонеше како еден од организаторите, додека неговата фирма „Алма-комерц Ангел Пецов“ ДООЕЛ беше посочувана како клучен генератор на фиктивни фактури преку кои се намалувал даночниот долг на поврзани компании.
Покрај условната затворска и паричната казна, на Пецов му е изречена и забрана од десет години да врши дејност како основач или управител на правно лице, односно да управува, раководи или располага со имот на правно лице.
За пет години му се изречени и забрани за добивање дозволи, лиценци и концесии, учество во постапки за јавни повици и основање нови правни лица. Казна од еден милион денари е изречена и на обвинетото правно лице ДУТУД А.К.А.П. ДООЕЛ, кое се наоѓа во стечај.
Од Кривичниот суд велат дека при определувањето на казната била земена предвид и потребата од процесна избалансираност во однос на останатите обвинети во комплексниот предмет. Од Судот посочуваат дека и други обвинети ја признале вината и ја надоместиле паричната штета, а во раздвоените постапки им биле изречени алтернативни мерки.
Пецов претходно го обвини поранешниот државен правобранител и адвокат Фехми Стафа дека му барал 50.000 евра мито за да влијае кај судија во врска со неговиот случај. Стафа се спогоди со Обвинителството и доби една година и три месеци затвор.
Според информациите од Кривичниот суд, Стафа сè уште ја издржува казната. Тој побарал условен отпуст, а Судот му одобрил да биде пуштен на слобода на 1 февруари, односно еден месец пред истекот на казната, која требало да заврши во март 2027 година.
Одлуката е обжалена од осудениот, а предметот на 24 септември е доставен до Апелацискиот суд.
На брифингот во Кривичниот суд беа дадени информации и за повеќе тековни судски постапки. Предметот „Крмзов“ е во фаза на изведување економско и графолошко вештачење. Се сослушуваат вештите лица, по што треба да следува изведување на доказите на одбраната. Во случајот „Титаник“, еден од постарите предмети без правосилна пресуда, во тек е сослушување на сведоците на одбраната.
За предметот против Трифун Костовски и други, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднело обвинение, но Специјализираното одделение на Кривичниот суд оценило дека не е стварно надлежно за предметот.
Причината е што обвинението се однесува на кривичните дела „Предизвикување стечај на банки“ и „Несовесно работење во службата“, кои не спаѓаат во надлежност на Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција.
По правосилноста на решението, предметот треба да биде распореден во Одделението за кривично полнолетни. Во предметот „Беланоца“ останува да бидат сослушани уште двајца сведоци на Обвинителството, по што ќе продолжи изведувањето на доказите на одбраната.
Случајот „Онкологија 2“ е во фаза на изведување докази на одбраната, односно на доказите предложени од првообвинетиот. Кај предметот „Талир 1“, главната расправа е одложена, поради што е пробиен законскиот рок од 90 дена од последното одржано рочиште. Тоа значи дека постапката ќе мора да започне одново.
Додека дел од обвинетите во „Синџир“ добија затворски казни, Љупчо Пецов – „Ѓаволот“, по признанието на вина, остана надвор од затвор со условна казна и парична санкција од 8.000 евра.
СУДЕЊЕ ПО МАКЕДОНСКИ, ЃАВОЛОТ ДОБИ УСЛОВНО Крадеш, признаваш и си одиш дома

