ФИЛИПЧЕ ОД СВЕТИ НИКОЛЕ Власта ги остави граѓаните без помош, земјоделците под притисок

Филипче бара зголемување на минималната плата на 600 евра и финансиска поддршка за земјоделците.

ФИЛИПЧЕ ОД СВЕТИ НИКОЛЕ Власта ги остави граѓаните без помош, земјоделците под притисок
Фото: Принтскрин

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска престојуваше во Свети Николе, каде што оствари средби со граѓани и земјоделци и разговараше за проблемите со кои се соочуваат жителите од овој регион.

Филипче оцени дека, според него, граѓаните се соочуваат со сериозни економски тешкотии, додека земјоделците се погодени од кризата и немаат доволно институционална поддршка.

„Граѓаните ги споделуваат со нас секојдневните проблеми, огромни и натрупани, без никаква грижа и помош од власта. Со огромните трошоци за гориво, кое достигна и 105 денари за литар, нема никаква помош за критичните категории граѓани на кои навистина им е потребна – пензионерите со најниски пензии, социјалните случаи, семејствата со многу деца и луѓето со минимална плата“, рече Филипче.

Тој посочи дека СДСМ во Собранието предложил мерки за зголемување на минималната плата на 600 евра, како и финансиска поддршка за земјоделците погодени од кризата.

„Разговаравме за нашите предлози во Собранието – предлог-закон за зголемување на минималната плата на 600 евра и предлог-закон за финансиска поддршка во кризата во која се наоѓа земјоделството. Се надевам дека власта ќе излезе во пресрет и ќе даде поддршка, односно дека барем еднаш во овој период ќе го слушне гласот на народот“, изјави Филипче.

Од СДСМ очекуваат власта да ги разгледа предложените мерки и да одговори на барањата што, како што беше посочено, ги добиле од граѓаните и земјоделците во Свети Николе.

CATEGORIES
Share This