ЕДНА ЧИНИЈА, ЕДНА ШАНСА ЗА НОВ ДОМ „Лајка“ ги отвора вратите за кучињата што се уште чекаат љубов

„Чинија љубов“ денеска ги обединува граѓаните во „Лајка“, ќе се готви за кучињата кои чекаат храна, внимание и својот нов дом.

ЕДНА ЧИНИЈА, ЕДНА ШАНСА ЗА НОВ ДОМ „Лајка“ ги отвора вратите за кучињата што се уште чекаат љубов
Фото: Принтскрин

Во дворот на ЈП „Лајка“ денеска, 26 септември, од 11:00 до 15:00 часот, ќе се одржи хуманитарниот настан „Чинија љубов“, преку кој граѓаните ќе имаат можност заедно да подготвуваат оброци за кучињата кои сè уште го чекаат својот дом.

За првпат дворот на „Лајка“ ќе стане место каде што граѓаните директно ќе учествуваат во подготовката на готвени оброци за кучињата, но и ќе можат да поминат време со нив и одблизу да ги запознаат.

„Чинија љубов“ е граѓанска иницијатива посветена на подготовка на готвени оброци за кучиња. Во рамките на двете досегашни акции биле нахранети повеќе од 80 кучиња.

Со денешниот настан во „Лајка“, иницијативата ја проширува својата активност и ја отвора подготовката на оброците за пошироката заедница, создавајќи можност граѓаните да придонесат директно и да ги запознаат кучињата кои чекаат нов дом.

Специјална гостинка на настанот ќе биде проф. д-р Наташа Ѓорговска, научен советник при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Институт за сточарство и рибарство. Таа е авторка на книга посветена на деликатеси и готвени јадења за кучиња и мачки.

Книгата ќе биде достапна за посетителите на настанот, а средствата собрани од нејзината продажба ќе бидат донирани за потребите на ЈП „Лајка“.

Посетителите ќе можат да добијат и повеќе информации за фостер-програмата на „Лајка“ и начините на кои можат да помогнат во грижата за кучињата до нивното вдомување.

Граѓаните кои сакаат активно да учествуваат во подготовката на оброците потребно е претходно да се пријават и да обезбедат намирници согласно информациите наведени во формуларот за пријавување.

Од „Лајка“ ги повикуваат медиумите да го проследат настанот и да помогнат приказните за кучињата кои чекаат свој дом да стигнат до што поголем број граѓани.

Место: Дворот на ЈП „Лајка“
Време: 26 септември, од 11:00 до 15:00 часот

CATEGORIES
Share This