ТРАМП ГО ОТФРЛИ ПРЕДЛОГОТ НА ИРАН Нема прекин на огнот, бомбардирањето продолжува
Техеран понуди седумдневен прекин и отворање на Ормутскиот теснец, но Вашингтон го одби предлогот.

Американскиот претседател Доналд Трамп го отфрлил предлогот на Иран за седумдневен прекин на огнот, кој бил презентиран преку иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на американски претставници.
Според извори на весникот, Трамп им кажал на своите соработници дека очекува американските напади врз Иран да продолжат и по ноемвриските избори за Конгресот. Американски претставници тврдат и дека претседателот на затворени состаноци изразувал сомнеж дека Техеран ќе ги исполни условите што ги поставува Вашингтон.
Иранскиот предлог бил разгледуван минатата недела на состанок во Катар. Според извори запознаени со преговорите, Техеран понудил седумдневен прекин на огнот, со можност тој да биде почеток на поширок договор за запирање на иранските напади врз поморскиот сообраќај.
Во замена, Иран барал САД да ја прекинат блокадата, а како дел од договорот предложил повторно отворање на Ормутскиот теснец.
Аракчи на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк потврди дека преку катарски посредник до Вашингтон бил доставен конкретен план. Тој оцени дека индиректните контакти со САД биле позитивен чекор, но не ги откри деталите од предлогот.
„Преку посредник им презентиравме план на САД, според кој, доколку бидат исполнети одредени услови, Ормутскиот теснец ќе биде отворен на крајот од седмиот ден и преговорите ќе продолжат“, изјави Аракчи, пренесе „Ал Џезира“.
Според иранскиот предлог, отворањето на стратешкиот Ормутски теснец би било поврзано со исполнувањето на условите од договорот, додека седумдневниот прекин на огнот би требало да создаде простор за продолжување на преговорите.

