ДОДЕКА ЕВРОПА ПЛАЌА 868, СРБИЈА 318 ЕВРА Вучиќ најави продолжување на договорот со Русија
Додека цената на TTF е околу 868 евра, Вучиќ очекува Србија и понатаму да плаќа руски гас околу 318 евра за 1.000 кубни метри.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека очекува од понеделник да биде продолжен анексот на договорот со Русија за снабдување со природен гас, по денешниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
Вучиќ посочи дека Србија и понатаму би можела да обезбедува гас по цена од околу 318 евра за 1.000 кубни метри, што, според него, е значително пониско од актуелната цена на европскиот пазар.
„Анексот на договорот за гасниот аранжман истекува за неколку дена и сигурен сум дека од понеделник ќе биде продолжен. Сè уште ќе можеме да имаме добра, ниска цена на гасот“, изјави Вучиќ во видеообјава на Инстаграм.
Тој појасни дека договорената цена за Србија е околу 318 евра за 1.000 кубни метри, додека, како што наведе, цената на холандскиот TTF пазар во моментов е околу 868 евра за 1.000 кубни метри.
„Тоа покажува дека Србија има добра цена, добра флексибилност и добри количини“, рече српскиот претседател.
Вучиќ додаде дека во разговорот со Путин било разговарано и за актуелната состојба со Нафтената индустрија на Србија (НИС).

