ГОДИНА БЕЗ ПОБЕДА, 360 МИНУТИ БЕЗ ГОЛ Македонија вечерва против Швајцарија
Црна серија од осум меча: Македонија година дена чека победа, а Седлоски сè уште чека прв гол.

Во пресрет на вечерашниот дуел со Швајцарија, вреди да се потсетиме на серијата која дефинитивно не е за фалење. Ако до пред нешто повеќе од една година со гордост зборувавме за успешниот период на нашата А-репрезентација, денес статистиката е далеку од посакуваната.
Македонија е без победа на последните осум натпревари, односно речиси една година. Последната победа беше остварена на 7 септември 2025 година, кога во квалификациите за СП 2026 ја совладавме Лихтенштајн со убедливи 5:0.
Од тогаш следуваше серија од осум меча без триумф.
Против Белгија на гости одигравме 0:0, со Казахстан дома беше 1:1, а во пријателскиот натпревар против Летонија во Скопје немаше голови – 0:0. Следуваше гостувањето кај Велс и убедливиот пораз од 1:7.
По тој натпревар дојде до промена на селекторската позиција. Благоја Милевски си замина, а на негово место дојде Гоце Седлоски.
Неговиот мандат започна со тежок предизвик и пораз од Данска во Копенхаген во баражот за пласман на СП 2026 – 0:4.
Потоа Македонија одигра 0:0 на гостувањето кај Република Ирска, а во пријателските натпревари следуваа уште две средби без постигнат гол 0:0 против Босна и Херцеговина во Сараево и 0:4 против Турција на гости.
Тоа значи дека Македонија под водство на Гоце Седлоски во четири натпревари не успеа да постигне ниту еден гол. Вкупно 360 минути без да се затресе противничката мрежа.
Вечерва, против Швајцарија, пред македонските репрезентативци е нов предизвик.
Првата желба е конечно да го видиме топчето во противничката мрежа. А потоа, зошто да не – да се израдуваме и на победа.
Пред нас е силна швајцарска репрезентација, но фудбалот одамна покажа дека фаворитите не секогаш го добиваат натпреварот.
Време е Македонија да ја прекине негативната серија.

