ТРЕВОГА ЗА ТРАМП Рејтингот се урна на историски минимум од само 32 отсто
Само 32 отсто од Американците го одобруваат Трамп, а незадоволството расте и меѓу републиканците.

Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна на 32 проценти, што е најниско ниво забележано во неговата политичка кариера, покажува најновата анкета на „Ројтерс/Ипсос“.
Истражувањето, спроведено во период од четири дена до недела, покажува значителен пад и меѓу републиканските гласачи. Работењето на Трамп го одобруваат 73 проценти од републиканците, наспроти 82 проценти една недела претходно. Вкупниот рејтинг на одобрување во претходната анкета изнесуваше 35 проценти.
Трамп се врати во Белата куќа во јануари 2025 година со ветувања дека ќе ја намали инфлацијата и ќе стави крај на странските војни. Само неколку часа по неговата инаугурација, во анкета на „Ројтерс/Ипсос“, неговата работа ја одобруваа 47 проценти од Американците.
Особено чувствително прашање за администрацијата остануваат трошоците за живот. Само 17 проценти од испитаниците го одобруваат начинот на кој Трамп се справува со ова прашање, кое Американците го посочуваат како едно од клучните прашања што ќе влијаат врз нивното гласање на среднорочните избори на 3 ноември.
Незадоволството расте и меѓу републиканците. За првпат, мнозинство од нив – 51 процент не го одобрува начинот на кој Трамп се справува со трошоците за живот, додека 44 проценти го поддржуваат неговиот пристап.
Според анкетата, една од причините за зголеменото незадоволство се повисоките цени на горивата по почетокот на војната со Иран во февруари.
Анкетата на „Ројтерс/Ипсос“ е спроведена онлајн и опфатила 1.277 полнолетни граѓани на САД од целата земја. Маргината на грешка изнесува три процентни поени.

