МИСАЈЛОВСКИ ОД СЛОВЕНИЈА Македонија ја зајакнува Армијата и безбедноста на Балканот

2 отсто за одбрана, инвестиции во Коридорите 8 и 10 и нов развој на „Криволак“ - земјата го засилува својот придонес кон регионалната безбедност.

МИСАЈЛОВСКИ ОД СЛОВЕНИЈА Македонија ја зајакнува Армијата и безбедноста на Балканот
Фото: Принтскрин

Македонската Армија не е само гарант на мирот и безбедноста во земјата, туку активно придонесува и кон зацврстувањето на регионалната и колективната безбедност, порача министерот за одбрана Владо Мисајловски на министерската средба во Брдо, Словенија, во формат на министри за одбрана од Централноевропската одбранбена соработка и земјите од Западен Балкан.

Мисајловски истакна дека државата континуирано инвестира во развојот на одбранбените капацитети, при што посочи дека со издвојувањето на 2 отсто од БДП за одбраната и инвестициите во воената мобилност преку изградбата на коридорите 8 и 10, земјата ги исполнува обврските кон НАТО и придонесува кон безбедноста и стабилноста на поширокиот регион.

„Воената мобилност ја сметаме за еден од клучните фактори што ја овозможуваат европската и евроатлантската безбедност“, рече Мисајловски.

Тој се осврна и на европската поддршка за одбранбениот сектор, посочувајќи дека четвртиот европски пакет за првпат опфаќа активности за развој на инфраструктурата на армискиот полигон „Криволак“. Според него, полигонот е значаен ресурс за обука и извежбување не само на македонската Армија, туку и на сојузниците и партнерите.

„Стабилен Балкан значи стабилна Европа“

На средбата Мисајловски ја нагласи потребата од континуирано зајакнување на регионалната безбедност, посочувајќи го придонесот на македонските војници во мисиите на НАТО КФОР во Косово и во мисијата на ЕУ АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

„Стабилен Балкан значи стабилна Европа“, порача министерот, оценувајќи дека регионот низ годините се трансформирал од увозник во извозник на мир, стабилност и безбедност.

Мисајловски ја истакна и важноста од поголема интеграција на земјите од Западен Балкан во одбранбените иницијативи на Европската Унија.

„Интеграцијата на земјите од Западен Балкан во одбранбените иницијативи на Европската Унија дополнително ќе ја зајакне регионалната стабилност и севкупната безбедност на Европа“, рече тој, додавајќи дека Македонија поддржува поголема вклученост на балканските партнери во релевантните одбранбени иницијативи и инструменти на ЕУ.

Фокус и на Балканските медицински наменски сили

Мисајловски учествуваше и на средбата на земјите-учеснички во Балканските медицински наменски сили (БМНС), каде ја истакна успешноста на иницијативата, но и потребата од конкретни одлуки за зголемување на нејзината видливост и улога.

Тој порача дека земјите-членки на БМНС влегуваат во период во кој се потребни конкретни чекори и преземање поголема одговорност, особено имајќи ги предвид промените во безбедносните приоритети и насочувањето на партнерите кон други региони.

Според Мисајловски, потребни се заедничка волја, посветеност и јасна визија за понатамошниот развој на силите. Тој потврди дека Македонија ја поддржува идејата да се разгледаат можностите БМНС да придонесува и надвор од балканскиот регион, за што, како што посочи, е потребна поддршка од сите земји-членки.

CATEGORIES
Share This