ЌЕ ВЕ ЗАПАЛАМ, ЌЕ ВЕ СТАВАМ ПОД НОЗЕ Бура во Кумановскиот суд, УПОЗ бара разрешување на претседателката

75 од 90 вработени ја потпишале претставката против Снежана Манев, УПОЗ дава рок од осум дена, а потоа најавува протести и штрајк. Манев ги отфрла обвинувањата.

ЌЕ ВЕ ЗАПАЛАМ, ЌЕ ВЕ СТАВАМ ПОД НОЗЕ Бура во Кумановскиот суд, УПОЗ бара разрешување на претседателката
Фото: Принтскрин

Синдикатот на УПОЗ бара Судскиот совет итно да постапи по претставките поднесени од вработени во Основниот суд во Куманово, кои тврдат дека со години се изложени на навреди, притисоци и недолично однесување од страна на претседателката на судот, Снежана Манев.

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, денеска пред Основниот суд во Куманово побара институциите да ги испитаат сите наводи и да ги заштитат вработените.

Според Деаноски, од вкупно 90 вработени во судската администрација, 75 ја потпишале претставката против претседателката. Дел од вработените за време на паузата излегле пред судот за да го изразат незадоволството од условите и атмосферата во која работат.

Деаноски обвини дека до Судскиот совет и Министерството за правда повеќепати биле доставувани претставки, но оти досега немало соодветна реакција. Тој рече дека при посетата на двајца претставници на Судскиот совет, наместо да се разгледуваат наводите од претставките, вработените поединечно биле повикувани да потврдат дали потписите на документот се нивни.

Деаноски изнесе сериозни обвинувања за однесувањето на претседателката, наведувајќи дека вработените биле навредувани и по лична, верска и национална основа. Тој цитираше низа навреди и закани кои, според него, биле упатувани кон вработените, меѓу кои и: „говеда“, „џукели“, „глупи сте“, како и закани дека ќе бидат ставени „под нозе“ или дека „ќе бидат запалени“.

Според Деаноски, дел од овие навреди биле упатувани и пред странки и граѓани. Тој се повика и на извештај на Судскиот совет од 2023 година, за кој рече дека констатирал нарушени меѓучовечки односи во Основниот суд во Куманово.

УПОЗ бара Судскиот совет да ги испита наводите од претставката и да утврди дали има основа за преземање мерки согласно законските надлежности.

„Бараме Судскиот совет веднаш да постапи по претставката на вработените и да ги заштити нив, а не претседателите и судиите кои го штетат угледот на судството“, изјави Деаноски.

Тој побара и преиспитување на начинот на кој се раководи судот, како и на наводното мешање во надлежностите на судската администрација. Од УПОЗ најавија дека доколку во рок од осум дена не биде преземено нешто конкретно, ќе организираат протести, а не ја исклучуваат ниту можноста за штрајк.

Претседателката на Основниот суд во Куманово, Снежана Манев, ги отфрла обвинувањата. Таа денеска не била на работа, а новинарите ги примил нејзиниот заменик Неџат Мемети, кој соопштил дека Манев е оправдано отсутна и го доставил нејзиното писмено соопштение. Во него Манев тврди дека наводите за незаконско и недолично однесување кон вработените се „потполно неточни и невистинити“.

„Наводите за вршење притисок од моја страна кон вработените се неточни, невистинити, паушални и апстрактни, бидејќи во истите дури не е наведен ниту еден конкретен случај, кога и кон кого бил извршен наводниот притисок“, наведува Манев.

Според претседателката, протестот бил организиран од судскиот администратор, претседателот на синдикатот, еден службеник и неколкумина вработени. Како повод за протестот таа ја посочува дисциплинската постапка против судскиот администратор поради, како што наведува, несовесно, ненавремено или небрежно вршење на работните задачи.

Манев истакнува дека поради намалувањето на бројот на вработени во судот се врши реорганизација и поголемо ангажирање на постојниот кадар. Таа тврди дека дел од вработените, поддржани од судскиот администратор, одбивале да ги извршуваат дадените задачи. Во соопштението се наведуваат и забелешки во врска со користењето на годишни одмори, продолжени боледувања и неоправдани отсуства, за кои, според Манев, имало поплаки од странки.

„Јас раководам со судот во целина и имам обврска истиот да функционира пред сè за добро и во корист на граѓаните. Сите вработени во судот мора да бидат целосно посветени и максимално ангажирани при извршување на своите работни задачи. Јас како судија и претседател на судот не прифаќам ништо помалку, ниту правам компромиси“, стои во соопштението на Манев.

Сега се очекува реакција на Судскиот совет по претставките на вработените, додека УПОЗ најави протести и штрајк доколку во наредните осум дена не биде преземено конкретно дејствие.

CATEGORIES
TAGS
Share This