ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ЗА УБИСТВОТО НА ВАЊА И ПАНЧЕ – Судот прифати нови докази

Одбраната, предводена од адвокатите Јовица Страшевски и Бојан Манев, најави дека како дел од дополнувањето на доказната постапка ќе бара реконструкција на настаните. Според нив, голем број аспекти од случајот сè уште не се разјаснети.

ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ЗА УБИСТВОТО НА ВАЊА И ПАНЧЕ – Судот прифати нови докази

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска со почеток во 10 часот продолжи судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кои беа пронајдени мртви на 3 декември 2023 година.

На минатото рочиште заврши сведочењето на главниот обвинет Љупчо Палевски, кој во својата изјава ги негираше обвинувањата за сторени насилни кривични дела. Тој изјави дека не постои логичен и докажан мотив за убиствата и дека процесот против него е политички прогон.

Судијата Ивица Стефановски се произнесе по неколку барања на обвинетиот Палевски. Судот прифати како доказ видеозапис од експозитурата на Халк Банка од 27 ноември 2023 година во периодот од 9 до 12 часот. Меѓутоа, беше одбиено барањето за повикување на двајцата вештаци кои ја анализирале чаурата, со образложение дека не било поднесено навреме според Законот за кривична постапка. Прифатено беше и чаурата пронајдена на местото на убиството на Панче Жежовски како доказен материјал.

Одбраната, предводена од адвокатите Јовица Страшевски и Бојан Манев, најави дека како дел од дополнувањето на доказната постапка ќе бара реконструкција на настаните. Според нив, голем број аспекти од случајот сè уште не се разјаснети.

Покрај Палевски, досега беа сослушани и останатите обвинети, како и повеќе сведоци на обвинителството, меѓу кои и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Обвинетиот Велибор Манев во своето сведочење ги опиша киднапирањата и убиствата, тврдејќи дека Палевски бил главниот организатор. Боре Видевски го негираше своето учество, додека Влатко Кешишов изјави дека не присуствувал на настаните и дека имал задача да чува стража.

Според обвинението, Палевски, Видевски, Манев, Кешишов и Ѓорчевски го испланирале киднапирањето на 14-годишната Вања со цел да изнудат откуп од нејзиното семејство. Грабнувањето на Панче Жежовски во Велес, пак, било со намера да се одземе неговото возило „Ситроен“, кое потоа било користено за киднапирањето во Скопје.

Вања и Панче беа пријавени како исчезнати на 24 и 27 ноември 2023 година, а нивните тела беа пронајдени на различни локации во близина на Велес и Скопје, на 3 декември.

На денешното рочиште се очекува да заврши доказната постапка и да започне дополнувањето со нови докази и евентуална реконструкција.

CATEGORIES
Share This