КРАЈ ЗА РАЗЛИЧНИТЕ ПЛАТИ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР Нов систем се подготвува за 2027 година

Почна петдневна TAIEX експертска мисија за воспоставување единствен систем на плати, а новата законска рамка треба да биде готова до крајот на 2026 година.

КРАЈ ЗА РАЗЛИЧНИТЕ ПЛАТИ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР Нов систем се подготвува за 2027 година
Фото: Принтскрин

Во јавниот сектор и натаму се применуваат различни правила, процедури и практики при утврдувањето и исплатата на платите, што создава нееднаквости и го отежнува воспоставувањето единствени стандарди за вреднување на работата.

Токму затоа, Министерството за јавна администрација започна петдневна TAIEX експертска мисија посветена на воспоставување поусогласен, транспарентен и праведен систем на плати во јавниот сектор.

Во следните пет дена, експерти од грчкото Министерство за национална економија и финансии ќе го презентираат искуството од грчкиот Единствен систем на исплата, кој овозможува централизирано и усогласено управување со исплатите во јавниот сектор.

Целта е да се воспостават јасни и еднакви правила за сите институции, со реална примена на принципот „еднаква плата за еднаква работа“.

Министерството веќе работи на нова законска рамка за системот на плати, а планот е законското решение да биде заокружено до крајот на 2026 година. Постепеното и систематско спроведување на реформата е предвидено да започне во 2027 година.

Новиот систем треба да донесе поголема транспарентност, подобра контрола врз јавните средства и поквалитетни податоци за креирање на јавните политики.

Од Министерството оценуваат дека воспоставувањето единствен систем на плати е важен чекор кон поефикасен и поправеден јавен сектор, со јасни правила, прецизно утврдени одговорности и поефикасно управување со јавните средства.

CATEGORIES
Share This