ЛАСКАРЦИ, ЈАКИМОВСКИ И ПРАВОСУДСТВОТО – ВМРО-ДПМНЕ удри по судиите на СДС и ДУИ
Од партијата тврдат дека старите политички инсталации сè уште влијаат врз одлуките на правосудните органи.

Последните одлуки на правосудните органи се јасен доказ дека политичките инсталации на СДС и ДУИ во правосудството сè уште функционираат, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека судиите и обвинителите кои, како што наведуваат, биле избрани во периодот на владеењето на Зоран Заев и Али Ахмети, продолжуваат да работат во интерес на оние кои ги поставиле, со што дополнително се нарушува довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Како пример ги посочуваат случаите „Ласкарци“ и модуларната болница во Тетово, во кои, според ВМРО-ДПМНЕ, животот го загубија вкупно 30 лица. Во трагедијата кај Ласкарци загинаа 16 граѓани, додека во пожарот во модуларната болница во Тетово животот го загубија 14 лица.
„Десетици семејства останаа без своите најблиски. Граѓаните денес очекуваат одговорност од правосудниот систем, но наместо тоа добиваат одлуки кои дополнително ја рушат довербата во институциите“, наведуваат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ реагира и на одлуката на Врховниот суд во врска со случајот „Ласкарци“, тврдејќи дека со неа е укината пресудата за трагедијата во која загинаа 16 лица.
Од партијата ја критикуваат и одлуката со која, како што наведуваат, на слобода бил пуштен Стевчо Јакимовски, иако претходно бил правосилно осуден.
„На Македонија не ѝ треба судство кое ќе ги штити СДС и ДУИ. Во Македонија мора да има владеење на правото и правда за сите“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

