ПО ПОВОД ДЕНОТ НА СЕМЕЈСТВОТО – СОС Детско село и македонските музички ѕвезди со песна „Насмевка“
СОС Детско село, организација која од 2001 година работи со мисија ни едно дете да не расте само, денес одбележува 15 Мај – Меѓународниот ден на семејството со премиера на песната „Насмевка“, создадена како симбол на љубов, поддршка и заедништво.
Во изминатите 24 години, преку своите програми за згрижување, зајакнување на семејства во ризик и економска поддршка на млади, организацијата им помогнала на повеќе од 5.000 деца и млади да изградат сигурна иднина.
Авторот Игор Атанасоски – Гуру Харе, во соработка со десет македонски музички ѕвезди, ја создаде емотивната песна „Насмевка“, која од денес е симбол на солидарноста и семејната грижа.
Во проектот учествуваат: Игор Џамбазов, Пере Нокаут, Сара Мејс, Дани Димитровска, Антонија Гиговска, Влатко Лозано, Тамара Тодевска, Мијата, Андријана Јаневска и Стефан од Некст Тајм.
„Ни подарија нешто волшебно убаво – емотивна, топла и искрена песна со наслов ‘Насмевка’“, изјавија од СОС Детско село.


