ШВЕДСКА ГЛАСА Крајната десница пред историски влез во Владата

Изборите се неизвесни до последен глас, а разликата меѓу двата блока е минимална.

ШВЕДСКА ГЛАСА Крајната десница пред историски влез во Владата
Фото: Принтскрин

Гласачките места во Шведска утрово се отворија во 8 часот, со што официјално започна гласањето на парламентарните избори. Истовремено, граѓаните гласаат и на регионалните и локалните избори.

Претседателот на шведскиот парламент Андреас Норлен и лидерот на Социјалдемократите, Магдалена Андерсон, веќе го искористија своето право на глас, објави шведскиот јавен сервис SVT.

Според новинарите на терен, гласањето засега се одвива мирно и без инциденти.

Изборите се одржуваат во услови на исклучително тесна трка меѓу двата политички блока. Разликата меѓу левицата и десницата е минорни 0,3 отсто. Резултатот би можел да одлучи дали Шведска ќе продолжи со десничарското владеење или ќе дојде до промена на власта предводена од Социјалдемократите и Магдалена Андерсон.

На десниот политички блок му припаѓаат владејачките Умерени, Христијанските демократи и Либералите, со поддршка од Шведските демократи.

Шведските демократи од 2022 година ја поддржуваат владата на премиерот Улф Кристерсон, но досега не беа дел од владата. Кристерсон сега се залага тие директно да влезат во владината коалиција, пишува „Гардијан“.

Токму можниот прв влез на Шведските демократи во владата е еден од клучните моменти на овие избори и би претставувал значајна промена на политичката сцена во земјата.

Од другата страна е левоцентристичкиот блок, предводен од Социјалдемократите на Магдалена Андерсон, кој се надева дека тесната изборна трка ќе ја претвори во победа и ќе се врати на власт.

Гласачките места ќе бидат отворени до 20 часот по локално време, по што се очекуваат првите резултати.

CATEGORIES
Share This