НА ВЛЕЗОТ ВО КОЧАНИ Поставен 17 метри висок крст во спомен на 63-те жртви од „Пулс“
На влезот во градот е поставен 17-метарски спомен-крст за 63-те жртви од трагедијата во „Пулс“, како траен симбол на сеќавање и болка.

На самиот влез во Кочани, во непосредна близина на дискотеката „Пулс“, е поставен голем спомен-крст во чест на 63-те лица кои ги загубија животите во трагедијата што на 16 март 2025 година го потресе градот и целата Македонија.
Спомен-обележјето е високо 17 метри и широко 12 метри. Крстот беше осветен од митрополитот Брегалнички г. Иларион, заедно со свештенослужителите од храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Кочани.
Митрополитот Иларион порача дека крстот ќе остане како траен симбол на сеќавањето, болката и страдањето предизвикани од трагедијата.
„Овој крст ќе нè потсетува и на болката и трагедијата што се случи овде во нашиот град. На повредените нека им подари здравје, сила и поткрепа да закрепнат и дај Боже постојано да останеме во заедница, во љубов со Бога, со силата на крстот со којшто е победена смртта, да ги победуваме сите искушенија и страданија во овој свет“, истакна митрополитот Иларион.
Изградбата на спомен-крстот е реализирана со поддршка од Брегалничката епархија, општествено одговорни компании и Општина Кочани.
Општината ја обезбедила проектната документација, како и потребното одобрение, односно решението за поставување на спомен-обележјето.
Трагедијата во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година. Во разорниот пожар животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Спомен-крстот на влезот во Кочани ќе остане како траен белег на најголемата трагедија што го погоди градот и место на сеќавање за оние чии животи згаснаа и потсетник за болката што остана зад нив.

