Дали министерката за образование и наука, Весна Јаневска свесно манифестира моќ над законите и судската власт
Еден ден сите ќе сфатат дека доколку донесуваат незаконити решенија ќе одговараат за злоупотреба на службената должност, исто како што одговараше и беше притворена министерката за образование на Црна Гора.

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски, Виш државен просветен инспектор во пензија
Сабота, 12 септември 2026 година.
Уште многу одамна, Аристотел во своето епохално дело “Политикаˮ, запишал: среќата е остварување и некоја совршена примена на доблеста и тоа не според претпоставка, туку едноставно. Според претпоставка го викам нужното, а пак едноставно убавото; на пример, дејствата во врска со праведното; праведните одмазди и казни произлегуваат од доблеста, но се нужни, и нужно го имаат убавото (пожелно е никој да нема потреба од нив, ниту маж, ниту држава), а пак дејствата во врска со почестите и благостостојбата едноставно се најубави. Зашто едно е одземање на некоe зло, а пак овие се спротивно од тоа; приготвување и создавање на добра.
Прашањето е што ќе запишеме денес и што ќе оставиме на идните поколенија?
Состојбите во Министерството за образование и наука, менаџирани од актуелната министерка и нејзиниот тим, не ветуваат дека некоја мудра мисла ќе остане врежана од нејзиниот мандат на министерување. Речиси и да нема сегмент од образованиот систем, а да не се појави некоја ситуација која понекогаш е надвор од законот, а понекогаш и надвор од здраво разумското, логично размислување.
Нема ден без афера, нема ден без проблем, нема ден без јавен настап на министерката од кој верувам дека еден ден….
Еден од поновите случаи се поврзува со состојбите во ДСУ за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски“- Скопје.
На целиот процес му претходи Иницијатива Ип бр. 09/2-962 од 15.10.2024 година доставена од група вработени и родители.
Многу чудно, согласно задолжението на Директорот на Државниот просветен инспекторат Ип бр. 091/1-962 од 15.10.2024 година, за надзор се праќа елитната единица на инспекторатот во состав: Мирјана Насковска и Тони Илиев, државни просветни инспектори.
Зошто чудно?
Се добива впечаток дека секаде каде се спроведува некоја нарачана одлука, се праќаат токму овие двајца просветни инспектори. Ме чуди како не размислуваат дека времињата се менуваат и еден ден ќе се прави ревизија на нивната работа и донесени одлуки, кои во најголем дел, а поврзани со ова училиште се поништени со пресуда на Управен суд. На нив никој нема да им помогне кога ќе бидат кривино гонети заради злоупотреба на службената должност, а доказ за тоа е што нивните инспекциски наводи преточени во натамошни решенија на министерката се поништени од судот. Како не разбираат дека судската заштита е највисокиот облик за заштита на слободите и правата? Но, за тоа оставам времето да го даде одговорот. А одговорност мора да има! Секоја арбитрерност и злоупотреба секогаш завршува со одговорност. И тоа кривична!
Не навлегувам во утврдените наводи од записниците, затоа што за мене ситуацијата ќе биде целосна кога сите тие наводи ќе се потврдат или отфрлат со судска пресуда.
Исто така, не навлегувам и во прекршочниот платен налог Ип 1бр. 09-2-962 од 17.11.2024 година, затоа што и овој акт треба да се провери во судска постапка.
За Решението на Министерката за образование и наука, со кое се разрешува директорот на Државното средно училиште со ресурсен центар Св.Наум Охридски – Скопје, постои правосилна и извршна судска пресуда У-1 бр. 252/2025 од Управниот суд, со која е пресуден:
Тужбата на тужителот Златко Маројевиќ од Скопје, СЕ УВАЖУВА.
Оспореното Решение на Државна комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен РО.број 0904-77 од 20.05.2025 година, СЕ ПОНИШТУВА и СЕ ОДЛУЧУВА:
Жалбата на Златко Маројевиќ од Скопје, против решението бр. 08-2757/2 од 21..02.2025 година на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, СЕ УВАЖУВА.
Обжаленото Решение бр. 08-2757/2 од 21.02.2025 година на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, СЕ ПОНИШТУВА и предметот се враќа на повторно одлучување пред првостепениот орган.
Оттука почнуваат манифестацијата на моќ, властољубие, арогантност на раководството на Министерството за образование и наука. Спротивно на напатствијата на судот, оваа министерка повторно донела исто решение како првостепеното решение кое како незаконито е поништено од страна на судот. Се очекува и второстепената комисија да донесе исто решение, затоа што тие слепо го следат решението на министерката. И членовите на оваа комисија без интегритет и чувство на одговорност апла го потврдуваат она што го потпишала министерката. И тие еден ден треба да бидат повикани на одговорност за начинот на кој работат и се прават слепи пред законите.
Еден ден сите ќе сфатат дека доколку донесуваат незаконити решенија ќе одговараат за злоупотреба на службената должност, исто како што одговараше и беше притворена министерката за образование на Црна Гора. Можеби за друг основ, но посилен основ од работење незаконито преку донесување на незаконити решенија не постои. А Управниот суд на стр. 14 од пресудата нотирал: Судот цени дека незаконито е водена постапката по овој предмет и дека оспореното решение е незаконито и донесено спротивно на закон и како такво не може да остане во правен промет, поради што Судот одлучи како во диспозитивот на пресудата.
Е драга министерке, ќе мора подетално да ги читате и судските пресуди, а не само програмите за сексуално воспитување. Часовникот отчукува, а основ за утврдување на ваша одговорност со овие наводи во пресудата постојат и еден ден ќе се соочите. Кога ќе се достави како доказ и новото решение после судската пресуда, а потпишано од вас министерке точно ќе се потврди дека за вас не важи ни закон, ни судска одлука. Да, на новото решение сте го смениле само архивскиот број и датумот, но содржината е иста. Зошто? Сакате ли да покажете колку сте силна од министерската фотелја? Пуста желба за да се остане министер како што љубите да кажете во покаст. Ама животот не е подкаст, како што и функциите не се вечни.
Никој не е над законот и судските одлуки, а Вие министерке никако и затоа чекајте го денот на одговорност за своето незаконско работење утврдено во судски пресуди. До таму дојде работата и со судски пресуди да се зборува за тоа каков министер сте!

