МВР АПЕЛИРА Матурирајте безбедно, без автомобил, алкохол и дрога

МВР АПЕЛИРА Матурирајте безбедно, без автомобил, алкохол и дрога

Министерството за внатрешни работи (МВР) упати апел до матурантите и нивните родители во пресрет на претстојните матурски прослави, повикувајќи на одговорност и безбедно однесување. Под мотото „На матурска без автомобил!“, полицијата ги потсетува младите дека сообраќајните незгоди во овој период значително се зголемуваат, а жртвите најчесто се токму матуранти.

„Без алкохол, без наркотични средства и без нарушување на јавниот ред и мир – нека матурската вечер биде повод за славење, а не за трагедии“, стои во апелот на МВР.

Според сообраќајната статистика, токму во деновите кога се одржуваат матурските забави е регистриран зголемен број сообраќајни инциденти, при што голем дел од повредените се млади лица.

Надлежните посочуваат дека иако одговорноста за ризичното однесување во сообраќајот најмногу паѓа на младите, од голема важност е и улогата на родителите. Тие се повикуваат да не дозволуваат нивните деца да управуваат возило на денот на матурската забава.

„Грешките во сообраќајот можат да бидат фатални. Не ја ставајте својата или туѓа безбедност во опасност. Превенцијата е клучна“, предупредуваат од МВР,

апелирајќи повторно:

„На матурска прослава без автомобил! Без алкохол! Без дрога! Без нарушување на јавниот ред и мир!“

Со заедничка одговорност – и од матурантите и од родителите може да се овозможи оваа важна вечер да остане запаметена по радост и славење, а не по несреќи и тага.

CATEGORIES
TAGS
Share This