НАШИТЕ ДЕЦА НЕМААТ РОК, ПРАВДАТА НЕ СМЕЕ ДА ИСТЕЧЕ Деко во октомври излегува од притвор, родителите од „Пулс“ жестоко реагираат

По истекот на законскиот рок, Дејан Јованов - Деко може да биде пуштен од притвор, а родителите на 63-те жртви предупредуваат: „Не дозволувајте бавноста на системот да стане засолниште од одговорност“.

НАШИТЕ ДЕЦА НЕМААТ РОК, ПРАВДАТА НЕ СМЕЕ ДА ИСТЕЧЕ Деко во октомври излегува од притвор, родителите од „Пулс“ жестоко реагираат
Фото: Принтскрин

Родителите на загинатите во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ остро реагираат откако стана извесно дека првообвинетиот Дејан Јованов – Деко на почетокот на октомври ќе мора да излезе од притвор поради истекување на законскиот рок.

Од Здружението „16 март 2025 година Кочани“ порачуваат дека бавноста на институциите не смее да стане причина за избегнување на одговорноста.

„Нашите деца немаат рок, правдата не смее да истече“, порача Александар Наунов, татко на една од жртвите и претседател на Здружението.

Според него, за родителите прашањето не е само дали Јованов ќе остане во притвор, туку дали државата ќе покаже дека 63 изгубени животи не можат да бидат сведени на рокови и процедури.

„Ако против првообвинетиот Дејан Јованов – Деко постојат сознанија за други кривични дела и законски основи за постапување, институциите имаат обврска да постапат сега. Не кога ќе истече рокот, не кога ќе излезе од притвор и не кога повторно ќе биде предоцна“, порача Наунов.

Од Кривичниот суд информираат дека притворот на Јованов е продолжен до 3 октомври 2026 година. Обвинителниот акт бил оценет на 3 октомври 2025 година, а според законските одредби притворот може да трае најмногу една година од оценката на обвинението.

По истекот на овој рок, Судот по службена должност може да определи дополнителни мерки за претпазливост со цел да се обезбеди присуството на обвинетиот во понатамошната постапка.

Во меѓувреме, речиси сите останати обвинети во големиот процес се на слобода или се под мерки за претпазливост.

Тодор Јованов, брат на сопственикот на „Пулс“, излезе од куќен притвор откако беше прифатена гаранција од 319.154 евра во недвижен имот. Со мерки за претпазливост е и Михаил Јованов.

Во куќен притвор остануваат Јане Јанчевски и Ивица Гроздановски. За Јанчевски веќе е прифатена гаранција од над 33.000 евра во недвижен имот, па по впишувањето на хипотеката и тој треба да биде пуштен од куќен притвор со дополнителни мерки за претпазливост.

На Митко Стојанов, Мартин Ѓорѓиев и Стојанчо Димитриев куќниот притвор им е заменет со мерки за претпазливост, додека за Беким Хаџиу е определена гаранција од 849.602 евра во недвижен имот.

Родителите нагласуваат дека пуштањето од притвор не смее да значи и избегнување на одговорноста.

„Нека работи законот. Нека работат институциите. И нека одговара секој за кого вината ќе биде докажана пред суд. За нашите деца нема втор рок. Нема втор живот. Нема заборав“, порача Наунов.

Тој додава дека родителите нема мирно да гледаат како истекуваат законските рокови додека системот доцни.

„Не нè плаши прашањето дали некој ќе избега. Нè плаши нешто што веќе го видовме – институциите повторно да задоцнат“, вели Наунов.

Од Здружението бараат институциите да постапат против секој за кого постојат докази дека со постапување или непостапување придонел за трагедијата.

„Не дозволувајте процедурата и роковите да станат засолниште од одговорност. Секој за кого ќе се докаже дека придонел за трагедијата мора да одговара – без заштита, без привилегии и без двојни стандарди“, порача Наунов.

Судскиот процес продолжува, а година и половина по трагедијата во „Пулс“ сè уште нема правосилно осудено лице за смртта на 63 луѓе.

Од Обвинителството засега нема коментар за истекот на притворот на Јованов, иако според обемното обвинение се очекува судскиот процес да трае подолг период.

CATEGORIES
Share This