НЕМА ЛЕК ЗА ЗАПАДНОНИЛСКАТА ТРЕСКА Последиците може да траат со години, 8 лица досега починаа

Директорот на Инфективна предупредува на можни долготрајни невролошки последици, додека министерот Клековски вели дека епидемијата стивнува.

НЕМА ЛЕК ЗА ЗАПАДНОНИЛСКАТА ТРЕСКА Последиците може да траат со години, 8 лица досега починаа
Фото: Принтскрин

Западнонилската треска и понатаму нема специфичен лек, а лекувањето е супортивно и насочено кон ублажување на симптомите и навремено спречување на можните компликации, вели Фадил Цана, директор на Инфективната клиника во Скопје, каде што се лекуваат пациентите заразени со вирусот.

Цана посочува дека инфекцијата може да остави долготрајни невролошки последици, а закрепнувањето кај дел од пациентите може да трае со месеци, па дури и со години.

„По завршувањето на акутната фаза, акцентот се става на рехабилитацијата. Доколку кај пациентот продолжат тегобите, тоа не значи дека сè уште има активна инфекција, туку дека може да има последици кои бараат прегледи кај невролог, но и физикална рехабилитација“, објасни директорот.

Тој нагласи дека лицата кои ја прележале болеста не треба да бидат стигматизирани, бидејќи западнонилскиот вирус не се пренесува од човек на човек. Пациентите не се заразни за околината, дури ни во акутната фаза на болеста.

Иако станува збор за мал вирус, последиците од инфекцијата можат да бидат сериозни. Затоа, според Цана, превенцијата, како и почитувањето на препораките и мерките на здравствените институции, остануваат најважните начини за заштита.

Во меѓувреме, министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека епидемијата на западнонилска треска стивнува. Како показател го посочи податокот дека во последните две недели се регистрирани по два нови случаи.

На Клиниката за инфективни болести во моментов се хоспитализирани шест пациенти, од кои двајца се во потешка здравствена состојба.

Клековски појасни дека намалувањето на бројот на нови случаи не е поврзано со заладувањето на времето, бидејќи лицата кај кои сега се потврдува инфекцијата се заразиле во период од три до 14 дена претходно.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во земјава се регистрирани 58 случаи на западнонилска треска – 54 потврдени и четири веројатни, а досега од последиците на вирусот починале осум лица.

CATEGORIES
Share This