НЕ МОРА ДА ПРАВИТЕ 10.000 ЧЕКОРИ ДНЕВНО Ново истражување открива која бројка е доволна

Околу 7.000 чекори дневно се поврзани со помал ризик од срцеви заболувања, дијабетес, деменција и предвремена смрт.

НЕ МОРА ДА ПРАВИТЕ 10.000 ЧЕКОРИ ДНЕВНО Ново истражување открива која бројка е доволна
Фото: Принтскрин

Пешачењето е една од најдостапните форми на физичка активност, но и една од навиките што најчесто ја занемаруваме. Не бара спортска опрема, членство во теретана или посебна организација доволно е само да одвоиме време за движење.

Кога физичката активност ќе стане ретка, последиците постепено почнуваат да се забележуваат. Кондицијата опаѓа, мускулите ослабуваат, а секојдневните активности, како качување по скали или подолга прошетка, можат да станат позаморни.

Недостатокот на движење се поврзува и со зголемен ризик од низа хронични состојби, меѓу кои кардиоваскуларни заболувања, висок крвен притисок и дијабетес тип 2. Според Светската здравствена организација, физички неактивните лица имаат значително поголем ризик од предвремена смрт.

Заборавете на правилото за 10.000 чекори

Со години, бројката од 10.000 чекори дневно се наметнуваше како идеална цел за оние кои сакаат да бидат физички активни. Но, нова голема анализа покажува дека за значајни здравствени придобивки можеби не се потребни толку многу чекори.

Истражувањето укажува дека околу 7.000 чекори дневно можат да бидат поврзани со значително подобри здравствени резултати и намален ризик од повеќе сериозни заболувања. Меѓу придобивките се издвојуваат понискиот ризик од срцеви заболувања, дијабетес, деменција, депресија и предвремена смрт.

Интересно е што границата од 10.000 чекори никогаш не била воспоставена како официјален медицински стандард.

„Десет илјади чекори отсекогаш биле произволен број“, објаснува д-р Кетрин Овен од Универзитетот во Сиднеј, една од авторките на истражувањето.

Според неа, бројката потекнува од Јапонија, каде што била промовирана како дел од маркетиншка кампања пред Олимписките игри во Токио. Бидејќи била едноставна и лесна за паметење, со текот на времето станала широко прифатена како дневна цел за физичка активност.

Анализирани податоци од повеќе од 160.000 луѓе

Истражувачите анализирале резултати од 57 различни студии, со податоци за повеќе од 160.000 возрасни лица. Тие го споредувале бројот на чекори што испитаниците го правеле дневно со различни здравствени исходи. Резултатите покажале дека зголемувањето на физичката активност е поврзано со значајни здравствени придобивки.

Особено впечатлива е разликата меѓу луѓето кои правеле околу 2.000 чекори дневно и оние кои достигнувале 7.000. Кај втората група бил регистриран 47 отсто помал ризик од предвремена смрт од сите причини, според анализата објавена во списанието „The Lancet Public Health“.

Сепак, резултатите не значат дека секој човек мора задолжително да прави точно 7.000 чекори секој ден. Наместо тоа, истражувањето ја нагласува важноста на редовното движење и постепеното зголемување на активноста.

Колку време се потребни за 7.000 чекори?

Колку време ќе биде потребно за да се направат 7.000 чекори зависи од брзината на одење и индивидуалното темпо. Професорот по физиологија на вежбањето Кит Бар од Универзитетот во Калифорнија, Дејвис, наведува дека просечниот човек прави околу 100 чекори во минута. Тоа значи дека за 7.000 чекори би биле потребни приближно 70 минути пешачење.

Сепак, не е неопходно целото време да се помине во една прошетка. Чекорите можат да се акумулираат во текот на денот при одење до продавница, на работа, користење скали или со неколку пократки прошетки.

Главната порака е едноставна: не постои магична граница од 10.000 чекори која мора да се достигне за да има корист од пешачењето. Секое редовно движење е чекор кон подобар начин на живот, а постепеното зголемување на физичката активност може да донесе значајни здравствени придобивки.

CATEGORIES
Share This