МИЦКОСКИ Тезите на опозицијата за јавниот долг се небулозни и покажуваат непознавање

Премиерот објасни зошто заемите на ЈПДП не се евидентираат како јавен долг и порача дека задолжувањето на меѓународниот пазар е поврзано со идно издавање еврообврзница.

МИЦКОСКИ Тезите на опозицијата за јавниот долг се небулозни и покажуваат непознавање
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски остро ги критикуваше тврдењата на опозициските пратеници во врска со јавниот долг, оценувајќи дека нивните тези покажуваат непознавање на начинот на кој се води и евидентира државното задолжување.

Одговарајќи на новинарско прашање за висината и структурата на јавниот долг, Мицкоски рече дека опозицијата, кога станува збор за економските прашања, нема аргументи и упати остри обвинувања кон поранешната власт.

„Тука се експерти. Но, кога станува збор за економијата, освен арамилак друго не им е во нивната политичка матрица“, изјави премиерот.

Мицкоски се осврна на првата теза на опозициските пратеници, која се однесува на заемите што ги користи Јавното претпријатие за државни патишта и нивното неприкажување во јавниот долг. Според него, овие задолжувања не се дел од јавниот долг, што, како што посочи, е регулирано со Законот за јавен долг.

„Тие заеми се рамковни, односно во зависност од тоа како се напредува на терен и како се завршуваат активностите, така се испорачуваат фактури, се повлекуваат заемите и се плаќаат“, објасни Мицкоски.

Во однос на второто прашање, зошто владината одлука од 31 август за задолжување на меѓународниот пазар не била опфатена со ребалансот на буџетот,  премиерот рече дека станува збор за подготовка за издавање еврообврзница во текот на следната година.

Тој нагласи дека средствата ќе бидат потребни и за сервисирање на обврските преземени од претходната власт, вклучително и обврзницата издадена во периодот на пандемијата.

„За да можеме да ги вратиме нивните долгови кои што го крадеа народот и ги празнеа буквално институциите и министерствата“, рече Мицкоски.

Премиерот притоа повторно ја обвини претходната владејачка гарнитура за низа спорни политики и одлуки во периодот на пандемијата, посочувајќи ги набавките на вакцини и пожарот во модуларната болница како примери.

„Ете таа опозиција денес ја имаме во Македонија. Значи, бандитска опозиција која продолжува да биде континуитет на бандитската власт во периодот кога СДСМ и ДУИ беа власт во Македонија“, изјави Мицкоски.

Изјавата премиерот ја даде за време на денешната посета на Општина Карпош.

CATEGORIES
Share This