ЕВРОПА КОПА, МАКЕДОНИЈА СЕ ДВОУМИ Може ли рударството да донесе развој без да ја загрози природата
160 проекти во трка за европска поддршка, Шведска го развива рударството со високи еколошки стандарди – зошто Македонија сè уште се соочува со дилемата „екологија или инвестиции“?

Во јавноста често се наметнува дилемата дали државата мора да избира меѓу заштитата на животната средина и развојот на рударството. Европското искуство, сепак, покажува дека овие две цели не се нужно спротивставени. Напротив, повеќе европски земји со високи еколошки стандарди паралелно развиваат современо рударство и инвестираат во сопствените минерални ресурси.
Во Брисел наскоро се очекуваат резултатите од вториот повик за финансиска поддршка на рударски проекти, на кој, според достапните податоци, се поднесени 160 апликации. Европската Унија во меѓувреме ги забрзува процедурите за добивање дозволи за ископ на критични минерали, со цел да ја намали зависноста од трети земји. Тоа, сепак, не значи отстапување од еколошките правила – проектите и понатаму подлежат на научни проценки, мониторинг, финансиски гаранции и обврска за рекултивација на просторот.
Првата селекција во 2025 година опфати 47 стратешки проекти во ЕУ и уште 13 проекти во партнерски земји. Како пример за земја која успешно ги комбинира рударството и високите еколошки стандарди се посочува Шведска.
Од иницијативата „И Здравје и Работа“ велат дека овие примери покажуваат оти изборот не треба да биде „или екологија или рударство“.
„Со современи технологии, научни проценки, строг мониторинг и јасни правила може истовремено да се заштитува животната средина и да се развива рударството“, посочуваат од иницијативата.
Оттаму сметаат дека Македонија не треба да остане надвор од европските процеси, особено во период кога ЕУ активно ги поддржува новите рударски проекти и ги забрзува процедурите за критичните минерали.
Според нив, единствената посериозна нова инвестиција во македонското рударство во моментов е проектот „Иловица–Штука“. Оттаму додаваат дека Македонија има можност да ги следи европските примери и да покаже дека економскиот развој и заштитата на животната средина можат да одат паралелно – доколку се почитуваат законите, стручните проценки и највисоките еколошки стандарди.
„Европа покажува дека не мора да бираме меѓу чиста животна средина и економски развој. Можеме да имаме и екологија и современо рударство. Прашањето е дали Македонија ќе има храброст своите ресурси да ги стави во функција на развојот, со највисоки стандарди и строга институционална контрола“, велат од „И Здравје и Работа“.
Од иницијативата нагласуваат дека стравот и, како што велат, нестручните проценки не треба да бидат причина за блокирање на развојот. Според нив, доколку Македонија сака да ги следи европските стандарди, треба да ги прифати и европските принципи и одлуките за рударството да се носат врз основа на наука, законски процедури и институционална контрола, а не под притисок.

