КОЈ ЈА ШИРИ ПАНИКАТА ЗА ВОДАТА ВО СКОПЈЕ Мицкоски откри детали од истрагата
Премиерот вели дека ширењето пораки за наводно загадена вода претставува хибриден напад и создава страв и немир меѓу граѓаните.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека ширењето информации дека водата во Скопје е загадена претставува обид за создавање немир и несигурност кај граѓаните, опишувајќи го како своевиден хибриден напад. Тој информираше дека повеќе од десет лица биле повикани на разговор во Министерството за внатрешни работи.
Мицкоски, кој присуствуваше на отворањето на новата спортска сала во ООУ „Круме Кепески“ во Општина Кисела Вода, рече дека очекува со измените на Кривичниот законик да се предвидат и казни за оние кои свесно создаваат страв и хистерија кај населението.
Според него, покрај ширењето дезинформации на социјалните мрежи, постоеле и можни комерцијални интереси, со оглед на тоа што, како што посочи, во еден ден биле испразнети резервите на флаширана вода во голем број маркети.
„Социјалните медиуми станаа терен на кој секој пишува сè што сака и нема никаква одговорност, без разлика дали тоа е вистина или не“, изјави Мицкоски.
Тој додава дека зад создавањето хистерија на социјалните мрежи, според него, стојат и опозициски партии.
Осврнувајќи се на критиките од опозицијата за состојбата со водата во Гостивар, премиерот порача дека одговорност треба да се бара кај локалната власт и раководството на јавното претпријатие задолжено за водоснабдувањето.
Мицкоски посочи дека Владата обезбедувала вода за пиење за жителите на Гостивар повеќе од четири недели, во количини од околу 50 до 60 тони дневно, а по првата недела била обезбедена и техничка вода.
Тој додаде дека системот во Гостивар бил прочистен и дека параметрите на водата биле доведени на задоволително ниво, по што грижата за водоснабдувањето повторно е во надлежност на јавното претпријатие.
Премиерот оцени дека истрагата за случајот со водата во Гостивар треба да продолжи сè додека не се утврди одговорноста на сите инволвирани и не се утврди кој е виновен за настанатата состојба.

