ЗАБРАНАТА НЕ ГИ СПРЕЧИ Над 80% од австралиските деца и понатаму користат социјални мрежи
Мета досега деактивираше над 756.000 профили на Фејсбук и Инстаграм за кои проценила дека им припаѓаат на Австралијци под 16 години.

Компанијата Мета, во чија сопственост се Фејсбук и Инстаграм, досега деактивирала повеќе од 756.000 профили за кои проценила дека им припаѓаат на корисници од Австралија помлади од 16 години, пренесува Ројтерс.
Од декември 2025 до јуни 2026 година, биле деактивирани околу 462.000 сомнителни профили на Инстаграм и дополнителни 294.000 на Фејсбук. Од компанијата велат дека бројката може дополнително да се зголемува, бидејќи проверките на платформите сè уште траат.
Австралија во декември минатата година стана првата земја во светот која законски им забрани на лицата помлади од 16 години да користат социјални мрежи. Мерката стапи во сила на 10 декември 2025 година и беше образложена со потребата од заштита на децата од негативните влијанија на социјалните медиуми врз нивното физичко и ментално здравје.
Сепак, податоците покажуваат дека забраната не ги спречила повеќето деца целосно да ги напуштат платформите. Според австралиската влада и независни истражувања, повеќе од 80 отсто од лицата под 16 години продолжиле да користат социјални мрежи во првите три месеци од спроведувањето на мерката.
Австралискиот регулатор во меѓувреме најавува можност за дополнително заострување на контролите врз технолошките компании. Максималната казна за прекршување на правилата е зголемена на 99 милиони австралиски долари, што е околу 69,75 милиони американски долари.
Во рамките на парламентарната истрага за спроведувањето на забраната, претставници на Мета, ТикТок, Гугл и Снепчет треба да сведочат пред австралиските пратеници.

