НАФТАТА ПОЕВТИНИ, НО СЛЕДУВА НОВ ШОК Еден потег може повторно да ги вивне цените

WTI падна за околу 2 отсто, но неизвесноста околу Ормускиот Теснец и нарушеното снабдување повторно ги разгоре стравувањата од нов скок на цените.

НАФТАТА ПОЕВТИНИ, НО СЛЕДУВА НОВ ШОК Еден потег може повторно да ги вивне цените
Фото: Принтскрин

Цените на нафтата во четвртокот забележаа пад, додека инвеститорите ги балансираат очекувањата за послаба глобална побарувачка со ризиците од нарушување на снабдувањето поради зголемените тензии на Блискиот Исток.

Американската сурова нафта WTI поевтини за околу 2 отсто, достигнувајќи 81,61 долар за барел. Во исто време, цената на „брент“, меѓународниот репер, се намали за 1,8 отсто, на 87,40 долари за барел.

Меѓународната агенција за енергетика (IEA) проценува дека глобалната побарувачка за нафта годинава ќе биде послаба од претходните очекувања. Дополнителен фактор на неизвесност претставува нарушувањето на сообраќајот низ Хормускиот Теснец, една од клучните светски транспортни рути за нафта.

Од IEA предупредуваат дека обновените судири и проблемите во поморскиот сообраќај го отежнуваат зголемувањето на глобалното снабдување. Во јули, светската понуда била за 6,3 милиони барели дневно пониска во споредба со истиот месец минатата година.

Неизвесноста дополнително ја зголемуваат нападите врз бродови во Оманскиот Залив и Црвеното Море, поради што се зголемуваат стравувањата дека енергетските текови би можеле дополнително да бидат нарушени.

Во меѓувреме, крајбрежјето на Оман се соочува и со сериозни последици од излевање на нафта откако на 30 јуни се насукал танкер што превезувал околу 800.000 барели руска нафта. Истекувањето се случува во близина на природен резерват од големо значење за повеќе животински видови.

Иако постојат сигнали дека дипломатските напори за повторно отворање на Ормускиот Теснец продолжуваат, конфликтот, кој трае повеќе од пет месеци, и натаму сериозно влијае врз глобалните енергетски текови.

Аналитичарите предупредуваат дека доколку неизвесноста околу целосното отворање на теснецот продолжи, нафтата повторно би можела да поскапи. Особено силен нагорен притисок се очекува доколку ограничувањата во снабдувањето се задржат подолг период.

CATEGORIES
Share This