ТАМБА ГО „ЗАПАЛИ“ СКОПЈЕ Шкендија го сруши Вардар во дербито, по мечот хаос на теренот
Тетовци славеа со 2:0, а по последниот свиреж дојде до турканица и физичка пресметка меѓу фудбалерите.

Шкендија славеше на големото дерби против Вардар во рамките на 2. коло од Првата македонска фудбалска лига. Тетовскиот тим триумфираше со 2:0 на гостувањето во Скопје, а двата гола ги постигна Фабрис Тамба.
Вардарци во првото полувреме имаа повеќе од играта и почесто ја контролираа топката, но не успеаја сериозно да го загрозат голот на гостите. Меѓу поредовните обиди се издвојуваат ударот на Пулео во 13. минута и шутот со глава на Родриго.
Шкендија во првите 45 минути главно се бранеше и само еднаш посериозно се закани пред голот на Вардар. Ситуацијата целосно се промени на почетокот на второто полувреме. Тренерот на Шкендија, Артим Положани, направи три замени, а неговите потези веднаш вродија со плод.
Во 50. минута Нзенгуе испрати топка во шеснаесетникот на Вардар, каде што Тамба одлично се снајде и ја затресе мрежата за 0:1. Шкендија продолжи да го контролира натпреварот, а Тамба во 76. минута повторно беше прецизен и со својот втор гол ги постави конечните 0:2. Така, тетовскиот тим освои три големи бода во дербито, додека Вардар остана без погодок пред домашната публика.
Но, по последниот свиреж на судијата Трпчевски, дербито доби и непријатна завршница. На теренот дојде до турканица и вербална расправија меѓу фудбалерите на двете екипи, по што ситуацијата дополнително се вжешти и дојде до физички пресметки меѓу дел од играчите. Соиграчите, членовите на стручните штабови и службените лица веднаш интервенираа и успеаја да ги раздвојат фудбалерите, спречувајќи поголема ескалација.
Случајот дополнително ќе биде разгледуван од дисциплинските органи на Фудбалската федерација на Македонија, кои може да имаат полни раце работа по случувањата по натпреварот.
По победата, тренерот на Шкендија, Артим Положани, изрази задоволство од изданието на своите фудбалери, особено имајќи предвид дека тимот има густ распоред и европски обврски, а против Вардар настапи и без неколку повредени играчи.
„Мислам дека ова беше сосема заслужена победа. Тоа е заслуга на момците бидејќи одиграа исклучително добар натпревар“, истакна Положани.
Тој посочи дека неговиот тим имал потежок старт, но постепено ја презел контролата.
„Со оглед на тоа што пред мечот со Вардар имавме тежок натпревар во Шкотска, мислам дека по првите 20 минути бевме на посакуваното ниво. Заслугата дефинитивно им припаѓа на момците бидејќи одиграа исклучително добар натпревар“, рече тренерот на Шкендија.
Положани нагласи дека дербито било особено тешко и од психолошки аспект, бидејќи Шкендија играла против актуелниот шампион.
„Дербито дефинитивно беше психолошки тешко. Игравме против противник кој беше шампион минатата година“, додаде Положани.
Шкендија сега го продолжува европскиот предизвик, додека Вардар ќе мора да го бара патот до подобри резултати во продолжението од сезоната.

