ИНФАНТИНО ПОД НОВ УДАР – УЕФА ѝ исплатила шестцифрен износ на поранешна вработена
Според британскиот весник, таа била унапредена и добила значително повисока плата, а по заминувањето ѝ биле исплатени отпремнина и трошоци за бизнис-школа; ФИФА ги отфрла наводите.

Нов скандал ја тресе европската и светската фудбалска сцена откако британскиот „Телеграф“ објави дека УЕФА ѝ исплатила шестцифрен износ на поранешна вработена за која извори на весникот тврдат дека била во наводна врска со Џани Инфантино во периодот кога тој бил генерален секретар на УЕФА.
Според „Телеграф“, жената во тој период била унапредена на раководна позиција, а нејзината плата била зголемена за околу 30 отсто, на повеќе од 170.000 евра годишно.
По нејзиното заминување од УЕФА, организацијата, според наводите на весникот, ѝ исплатила отпремнина и ги покрила трошоците за студирање на бизнис-школа, каде годишната школарина изнесувала околу 50.000 евра.
ПЛАТИНИ НАВОДНО МУ ПОСТАВИЛ УЛТИМАТУМ НА ИНФАНТИНО
„Телеграф“, повикувајќи се на свои извори, пишува дека тогашниот претседател на УЕФА, Мишел Платини, дознал за наводната врска и на Инфантино му поставил избор – тој да остане на функцијата, а вработената да ја напушти организацијата. Според истите извори, било договорено таа да замине од УЕФА со финансиски пакет.
УЕФА потврдила дека на поранешната вработена ѝ бил исплатен пакет при заминувањето и дека биле покриени трошоците за нејзиното образование, но нагласила дека сето тоа било направено согласно правилата што важеле во тој период.
„Свесни сме за наводите и можеме да потврдиме дека на лицето му била исплатена отпремнина, заедно со покривање на трошоците за школарина за курс во локална бизнис-школа“, соопштил портпарол на УЕФА.
Од организацијата додаваат дека правилата за вработените биле заострени во 2016 година и дека денешните процедури се усогласени со стандардите на современа меѓународна организација.
ФИФА: „ЦЕЛОСНО НЕТОЧНИ И КЛЕВЕТНИЧКИ НАВОДИ“
ФИФА, од друга страна, категорично ги отфрла тврдењата за несоодветно однесување на Инфантино.
„Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, категорично ги отфрла овие наводи и тие се целосно неточни. Секоја инсинуација за несоодветно однесување или прекршување на статутите и прописите е клеветничка“, соопшти портпарол на ФИФА.
Од ФИФА наведуваат дека ниту еден вработен во УЕФА или ФИФА никогаш не поднел жалба во врска со однесувањето на Инфантино. Според нивното соопштение, сите одлуки поврзани со вработените, вклучително и нивното заминување и исплатата на отпремнини, биле одобрувани од надлежните раководители и биле во согласност со тогаш важечките правила.
ОД АДМИНИСТРАЦИЈА ДО РАКОВОДНА ФУНКЦИЈА
„Телеграф“ наведува дека жената првично била вработена на административна позиција во УЕФА, по што релативно брзо напредувала до раководна функција. Весникот, повикувајќи се на свои извори, тврди и дека по нејзиното заминување од УЕФА, Инфантино наводно ѝ помогнал да добие ново работно место во слична област.
Токму нејзиното брзо напредување, како и наводниот однос со тогашниот генерален секретар, според „Телеграф“, предизвикале загриженост кај дел од вработените поради можен судир на интереси и злоупотреба на положбата.
ТЕБАС: „ВРЕМЕТО НА ИНФАНТИНО ОДАМНА ПОМИНА“
Случајот доаѓа во период кога Инфантино се соочува со сè поголеми критики за начинот на кој ја води ФИФА. Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, е меѓу најгласните критичари и смета дека времето на Инфантино како прв човек на светскиот фудбал е завршено.
Во интервју за „Ле Монд“, Тебас изјавил дека не е изненаден од последните случувања и оценил дека тие се само „врвот на ледениот брег“. Според него, проблемот не е само во последниот случај, туку во начинот на управување со фудбалските институции.
Тебас смета дека проектите на Инфантино ја загрозуваат суштината на фудбалот, особено националните лиги.
ФИФА ТВРДИ ДЕКА СЕ ВОДИ „КООРДИНИРАНА КАМПАЊА“
ФИФА во меѓувреме излезе со соопштение во кое го брани својот претседател и тврди дека против него се води „координиран и континуиран напор“ за поткопување на неговото лидерство. Од организацијата обвинуваат дека дел од критичарите се обидуваат преку обвинувања, инсинуации и дезинформации да постигнат промена што не можат да ја постигнат преку демократските процедури на ФИФА.
Во соопштението се посочува и дека одредени медиумски написи содржат „неосновани“ и „очигледно лажни“ тврдења кои, според ФИФА, не треба да се претставуваат како факти. Случајот со исплатата од УЕФА се појавува во чувствителен момент за Инфантино, кој неодамна се соочи и со критики поради плановите за приватни инвестиции во компанија која би управувала со натпреварувањата на ФИФА и би продавала удели поврзани со Светското првенство.
ФИФА потоа соопшти дека нема да продолжи со тој план, а Инфантино им се извини на националните асоцијации поради начинот на кој идејата била развивана. Со новите обвинувања и зголемениот притисок од европските фудбалски структури, иднината на Инфантино на чело на ФИФА повторно се најде во центарот на вниманието.
ОБЈАВЕНА ЛИСТАТА Овие земји го поддржуваат Инфантино, а овие му свртеа грб

