КАНАДА ПРЕД НОВ „БРЕГЗИТ“ Алберта во октомври гласа дали да тргне по свој пат

Референдумот нема автоматски да значи отцепување, но позитивниот исход би можел да го отвори повеќегодишниот процес за издвојување на богатата нафтена покраина од Канада.

КАНАДА ПРЕД НОВ „БРЕГЗИТ“ Алберта во октомври гласа дали да тргне по свој пат
Фото: Принтскрин

Канадската покраина Алберта за нешто повеќе од два месеци ќе се соочи со историско гласање кое би можело да отвори едно од најсериозните прашања за иднината на Канада – дали покраината треба да остане во составот на федерацијата или да започне процес што би можел да доведе до нејзино отцепување.

Алберта, една од најбогатите и најзначајните нафтени покраини во западна Канада, со години е упориште на конзервативните политички сили. Во последниот период, сепаратистичкото расположение повторно се засили, особено по федералните избори во 2025 година.

Дел од жителите сметаат дека Отава има преголемо влијание врз политиките на покраината и дека федералните еколошки регулативи го ограничуваат развојот на клучните индустрии – пред сè производството на нафта и природен гас.

Премиерката на Алберта, Даниел Смит, иако јавно се залага покраината да остане дел од Канада, на 21 мај најави референдум за ова прашање.

На гласачкото ливче ќе стои прашање со кое граѓаните ќе избираат дали Алберта треба да остане канадска покраина или владата треба да го започне уставно предвидениот процес за одржување обврзувачки референдум за евентуално отцепување.

Клучно е што претстојното гласање не значи автоматско прогласување независност. Доколку граѓаните се определат за отцепување, тоа би било само почеток на повеќегодишен правен и политички процес. Прашањето за конечна сецесија би било предмет на дополнителен, обврзувачки референдум.

Тоа би било историски момент за Канада, бидејќи Алберта би станала првата канадска покраина надвор од Квебек која на своите граѓани би им го поставила прашањето за отцепување.

Анкетите засега се против сепаратистите

И покрај политичката врева, актуелните анкети покажуваат дека мнозинството жители на Алберта не сакаат покраината да ја напушти Канада. Според анкета на Ipsos од јуни, 72 проценти од испитаниците сакаат Алберта да остане дел од Канада, додека 19 проценти би поддржале одржување обврзувачки референдум за отцепување.

Канадскиот премиер Марк Карни го предупреди сепаратистичкото движење дека игра „опасна блеф игра“, повлекувајќи паралела со британскиот референдум за Брегзит од 2016 година. Карни порача дека искуството со Брегзит покажало дека гласачите понекогаш можат да поддржат политички чекор без целосно да ги согледаат неговите долгорочни последици.

И самата Смит предупреди дека процесот би можел да има непредвидливи последици.

Некои сакаат сојуз со западна Канада, други гледаат кон САД

Во рамките на сепаратистичкото движење не постои единствен став за тоа што би се случило доколку Алберта тргне кон отцепување.

Еден дел предлага создавање нов политички сојуз со други западноканадски покраини, додека други сметаат дека самата закана од независност може да биде средство за вршење притисок врз федералната влада и добивање поголема автономија.

Постои и струја која смета дека Алберта има повеќе економски и политички допирни точки со САД отколку со остатокот од Канада.

Токму поради тоа, темата доби и меѓународна димензија. Сепаратистички претставници во изминатата година најмалку трипати се сретнале со претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Американскиот Стејт департмент, сепак, соопшти дека на тие средби не биле преземени никакви обврски кон движењата кои сакаат Алберта да стане дел од САД.

Две спротивставени петиции

Референдумот доаѓа по иницијативата на групата „Проект за просперитет на Алберта“, која собра повеќе од 300.000 потписи со барање за гласање за идниот статус на покраината. Иницијативата, сепак, беше блокирана со судска одлука, откако беше утврдено дека организаторите не го консултирале домородното население чии територии би биле засегнати од евентуалното отцепување.

Во меѓувреме, движењето „Засекогаш Канада“ собра околу 400.000 потписи за петиција со која се спротивставува на сецесијата. Премиерката Смит вели дека ќе го прифати исходот од октомвриското гласање, но истовремено јасно стави до знаење дека и понатаму ќе се залага Алберта да остане дел од Канада.

Така, Алберта влегува во политички процес кој засега нема да значи распад на Канада, но за првпат може сериозно да го отвори прашањето: дали една од нејзините најбогати покраини би можела еден ден да тргне по свој пат?

ЌЕ СЕ РАСПАДНЕ ЛИ КАНАДА – Покраината Алберта подготвува референдум за отцепување

CATEGORIES
TAGS
Share This