ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ПОСТАПКА за сообраќајната несреќа во Радишани во која загина 19-годишниот Никола Макрачевски
46-годишен возач е осомничен дека му го пресекол патот на мотоциклистот, а потоа го напуштил местото на несреќата.

Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против 46-годишен возач по тешката сообраќајна несреќа што се случи на 7 август во Радишани, во која животот го загуби 19-годишниот мотоциклист Никола Макрачевски. Според досега утврденото од Обвинителството, осомничениот управувал автомобил „сеат алтеа“ по улицата „Радишанска“. Пристигнувајќи на крстосницата со улицата „18“, каде што сообраќајот не е регулиран со сообраќајни знаци, започнал да свртува налево без да ги пропушти возилата што доаѓале од спротивната насока.
На тој начин, според обвинителската верзија на настанот, тој му го пресекол патот на мотоциклот „кавасаки“, управуван од Никола, кој се движел во спротивната насока и го задржувал својот правец. Во обид да го избегне директниот судир со „сеатот“, 19-годишниот мотоциклист свртел налево и преминал во коловозната лента наменета за возилата од спротивната насока. Таму со предниот дел од мотоциклот удрил во автомобил „алфа ромео“, кој доаѓал од спротивната страна.
Од силината на ударот, Никола излетал од мотоциклот и паднал на коловозот. Тој се здобил со тешки телесни повреди од кои починал. Во несреќата полесно бил повреден и возачот на „алфа ромеото“. Но, според Обвинителството, осомничениот возач на „сеат алтеа“ не останал на местото на несреќата и не им помогнал на повредените, туку го напуштил местото.
Против него е поведена скратена постапка за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода. Јавниот обвинител побарал од судот да му определи мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, редовно јавување во судот, привремено одземање на патната исправа и одземање на возачката дозвола.
Првичните информации од МВР беа дека во несреќата учествувале мотоциклот и „алфа ромеото“. Со најновите информации од Обвинителството се открива и улогата на третото возило „сеат алтеа“, чие свртување, според досегашната обвинителска верзија, довело до маневрот со кој Никола се обидел да го избегне судирот.
ТРАГЕДИЈА НА РАДИШАНСКА 19-годишен мотоциклист почина по судир со автомобил

