НОВ УДАР ВРЗ МОСКВА Сенатот на САД го заврте шрафот врз Русија, фон дер Лајен го поздрави пакетот санкции

Законот на Греам беше усвоен со 86 гласа „за“ и 11 „против“, а санкциите се насочени кон руските олигарси, енергетскиот извоз и „флотата во сенка“

НОВ УДАР ВРЗ МОСКВА Сенатот на САД го заврте шрафот врз Русија, фон дер Лајен го поздрави пакетот санкции
Фото: Принтскрин

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави усвојувањето на големиот пакет санкции против Русија во Сенатот на Соединетите Американски Држави, оценувајќи дека координираниот пристап меѓу Вашингтон и Брисел може дополнително да ја ослаби руската воена машинерија.

„По 21-от пакет санкции на ЕУ, го поздравувам усвојувањето на законот на Греам во Сенатот на САД“, напиша фон дер Лајен на социјалната мрежа Икс.

Таа порача дека новите мерки треба да ги погодат сите извори на приходи што, според неа, ја поддржуваат руската воена операција. Меѓу нив ги посочи руските олигарси, извозот на енергија и таканаречената „флота во сенка“, која се користи за транспорт на руска нафта и заобиколување на санкциите.

„Заедно, да ги исцрпиме средствата на Русија за да продолжи војна во која не може да победи“, порача претседателката на Европската комисија.

Фон дер Лајен оцени дека силните и координирани санкции им овозможуваат на Европа и САД да покажат што можат да постигнат кога дејствуваат заеднички.

Американскиот Сенат го усвои пакетот со убедливо мнозинство од 86 гласа „за“ и 11 „против“. Предлог-законот, именуван по сенаторот Линдзи Греам, кој одигра значајна улога во повеќемесечните преговори, сега треба да биде разгледан и во Претставничкиот дом.

Сепак, Претставничкиот дом моментално е на пауза до септември, што значи дека конечната судбина на пакетот санкции ќе зависи од натамошната процедура во Конгресот.

CATEGORIES
Share This