МЛАД МАКЕДОНЕЦ ТЕШКО ПОВРЕДЕН ВО ТУРЦИЈА Утре ќе биде донесен со владин авион
Момчето се здобило со повреда на вратен пршлен по пад од тобоган, а во транспортот ќе биде придружувано од специјализиран медицински тим

Млад македонски државјанин кој се повредил при несреќа на тобоган во туристички комплекс во Турција, утре ќе биде транспортиран во Македонија со владиниот авион. Според информациите, момчето се здобило со тешка повреда на вратен пршлен и му е потребно понатамошно лекување во земјава.
Турските здравствени власти дале согласност пациентот да биде пренесен со авион, наместо со медицинско возило, а по барање на семејството Фондот за здравствено осигурување го одобрил транспортот. Одлуката е поддржана и од Министерството за здравство и Владата.
Во авионот ќе има специјализиран медицински тим кој ќе ја следи состојбата на повредениот за време на летот.
„Министерството за здравство информира дека е обезбеден итен медицински транспорт за млад пациент од Македонија, кој се здобил со тешки повреди на вратните пршлени за време на престој во Кушадаси, Република Турција. По итна постапка и во координација со Владата, Фондот за здравствено осигурување и Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), обезбеден е владин авион со кој пациентот утре ќе биде транспортиран во земјава“, соопшти Министерството.
За време на транспортот, пациентот ќе биде придружуван од медицински тим од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), со цел да се обезбеди безбеден транспорт.
По пристигнувањето во Скопје, повредениот ќе биде преземен од тимот за спинална хирургија и веднаш ќе биде хоспитализиран, каде ќе му биде обезбедено понатамошно специјалистичко лекување, нега и рехабилитација.

